По финалето на 23-от „Таксират“

Уникатниот, долговечен и еден од најуспешните музички фестивали во Европа, а сепак наш, „Таксират“, по 23-ти пат се одржа завчеравечер во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, на три бини, а организаторот „Пасворд“ продукција и оваа пандемиска година се потруди на скопјани да им овозможи одличен фестивал, со гости што со својот багаж и квалитетна музика му одолеваат на времето.
Главната сцена беше резервирана за три култни групи, македонските бендови „Санаториум“ и „Мизар“ и српскиот „Партибрејкерси“. По полноќ се појави и гостинот на вечерта, Борис Бејча, суперѕвездата на електронската музичка сцена, кој настапи заедно со харизматичната Ан Клу. Другите две сцени беа резервирани за највлијателните трап/хипхоп-артисти од земјава и регионот: З++ од Хрватска, Црни Церак од Србија и македонските предводници на жанрот Бон Праскиза, Јанг Дади, Ајри Скреч и Шорти Пи. Третата бина „Сајлент диско“ понуди музичка селекција од страна на домашни диџеи.
Прв на главната сцена настапи познатиот македонски трешметал-бенд „Санаториум“, исклучително важна група, која опстојува повеќе од 30 години, на задоволство на љубителите на моќниот звук, не само кај нас туку и пошироко во регионот. И повторно истата слика кога е „Санаториум“ во прашање: верна публика, меѓу која и многу млади луѓе, која го следи сите овие години, и експлозивна енергија. Ги слушнавме темите „Санаториум“, „Параноја“, „Без разум и свест“, „Кажи не“… и повторно ја почувствувавме истата громогласност со која Црни, Шпирт, Бобан и Глупсон секогаш ја изведуваат својата музика. А текстовите на песните и овој пат не нѐ погалија, туку боцкаа и опоменуваа како нечиста совест… Да се надеваме дека многу скоро тие ќе нѐ израдуваат со голем концерт и повторно ќе покажат и докажат зошто сѐ уште се на врвот.
По нив, уште еден час по историја и настап што едноставно не смееше да се пропушти.
Култната македонска група „Мизар“, која годинава одбележува 40-годишен јубилеј, овој пат се појави на сцената во проширен состав: секако, столбот на групата Горазд Чаповски, пејачот Зоран Тортевски, кој успеа да го долови звукот на групата, и извонредните Пеце Китановски, Петрар Лукиќ, Александар Божиков и Александар Ристовски-Принц.
Горазд Чаповски, заедно со сите музичари на сцената, даде сѐ од себе, по подолга пауза, групата да зазвучи вонвременски, особено во изведбата на песните „Смрт или слобода“, „Константинопол“ и, се разбира, „Почесна стрелба“. Да се надеваме дека ѕвездата водилка на регионалната дарквејв-сцена и авангарда на македонската популарна музика повторно ќе блесне наскоро на голем концерт, со кој ќе ги одбележи четирите децении присуство на сцената.

Следуваше настапот на белграѓаните „Партибрејкерс“, еден од најквалитетните и најдолговечни бендови во регионот, кој сѐ уште континуирано настапува, со истиот жар како и на почетокот.
„Партибрејкерс“ не само што не ја уништи забавата, туку, напротив, имаше настап за паметење, вистинска енергетска експлозија. „Браќо и сестри, еве сме повторно во Скопје, а одамна се знаеме, од далечната 1985 година, кога свиревме во МКЦ.“ А многумина во салата, како и потписникот на овие редови, биле и на тој прв концерт и прокоментираа дека на балканската музичка рок-сцена нема подобар пример за толку истрајни, искрени и пасионирани музичари од нив.
И сите ги пееја „Губитник“, „Земјотрес“, „Хоќу да знам“, „Хиљаду година“… и, се разбира, „Крени према мени“. И се случи вистински земјотрес, а она што го направија Цане и другите членови на групата долго ќе се памети, како еден од поуспешните настапи на „Таксират“ воопшто.
Драго ми е што сме тука, ова е прв поголем концерт за нас по две години пауза, не давајте да ве обезличат, бидете свои – порача харизматичниот лидер на бендот.
А публиката уживаше, танцуваше на лудиот рокпанк-ритам, младите откриваа нови музички светови во песните, што, со причина, се вклучени во најдоброто од бившојугословенската сцената, а постарите се вратија многу години во минатото, кое и од овој агол изгледа и звучи навистина вонвременски, искрено и моќно.
И некаде околу полноќ, Борис Брејча се појави на главната сцена на „Таксират 2021“, со препознатливата маска „џокер“ и со својата електронска музика и ни докажа зошто неговиот хајтек-минимал е еден од најпопуларните електронски стилови денес.