Размерот на заканата за биосферата и за сите нејзини животни форми, вклучувајќи го и човештвото, всушност е толку голем што дури и најквалификуваните експерти тешко можат да го разберат

Загрижувачки извештај тврди дека светот не може да сфати до кој степен е загрозена земјата и какви се заканите за биодиверзитетот и за климатската криза. Нашата планета се соочува со „страшна иднина на масовно истребување, опаѓање на здравјето и екстремни климатски промени“ што го загрозува опстанокот на човекот поради незнаење и неактивност, според група меѓународни научници. Тие додаваат дека луѓето сè уште не ја разбрале итноста за решавање на климатската криза. Седумнаесет експерти тврдат дека планетата е во многу полоша состојба отколку што досега мислеа повеќето луѓе, дури и научниците, пренесува „Гардијан“.
– Размерот на закана за биосферата и за сите нејзини животни форми, вклучувајќи го и човештвото, всушност е толку голем што дури и најквалификуваните експерти тешко можат да го разберат – се вели во извештајот „Фронтиерс он консервејшн сајанс“, во кој се цитираат повеќе од 150 студии со детален опис на главните светски предизвици во заштита на околината.

Дадено е предупредување дека масовна миграција предизвикана од климата, повеќе пандемии и судири за ресурси ќе бидат неизбежни доколку не се преземат итни мерки.
– Нашата цел е да им укажеме на лидерите за состојбата на планетата и неопходното планирање за да се избегне страшната иднина – додаваат експертите.
Огромниот проблем бара далекосежни промени во глобалниот капитализам, образование и еднаквост, се посочува во извештајот. Ова вклучува укинување на идејата за постојан економски раст, правилно утврдување на надворешните ефекти врз животната средина, престанување со употребата на фосилни горива…
Извештајот доаѓа неколку месеци откако светот не успеа да исполни ниту една од целите на Стратегискиот план за биодиверзитет на ООН, односно вторпат едноподруго владите не ги исполнија своите десетгодишни цели. Оваа недела, коалиција од повеќе од 50 земји вети дека ќе заштити речиси една третина од планетата до 2030 година. Се проценува дека на милион вида им се заканува истребување, а многу од нив ќе исчезнат во следните неколку децении.
– Влошувањето на животната средина ѝ се заканува на цивилизацијата повеќе од Доналд Трамп или од ковид-19 – рече професорот Пол Ерлих од универзитетот „Стенфорд“.

Постојаната потрага по раст е фатална болест на оваа цивилизација, според него.
– Таа мора да биде заменета со кампањи што наметнуваат еднаквост и просперитет како социјални цели, а не акумулација на отпад. Големите популации и нивниот постојан раст поттикнуваат деградација на почвата и губење на биодиверзитетот. Повеќе луѓе значат дека се произведуваат повеќе синтетички соединенија и опасни пластики, од кои многу придонесуваат за зголемување на токсичноста на Земјата. Исто така, се зголемуваат шансите за зголемување на пандемијата, поттикнуваат поагресивен лов на ретки ресурси. Ефектите од вонредните климатски настани се поочигледни од губењето на биодиверзитетот, но општеството сè уште не успева да ги намали емисиите на стакленички гасови. Ако луѓето ја сфатат големината на кризата, промените во политиката може да се совпаднат со сериозноста на заканата – објаснува тој.
Со Ерлих се согласува и професорот Даниел Блумштајн од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес.
– Главната поента на извештајот е дека штом луѓето ги разберат обемот и важноста на проблемот, на сите ќе им стане јасно дека ни треба многу повеќе од индивидуални активности, како што е користење помалку пластика, трошење помалку месо или помалку летови со авион. Тврдиме дека ни требаат големи системски промени, и тоа брзо – нагласува тој.