Традиционалната македонска песна „Македонско девојче“ е прва на листата на оние песни што ќе се најдат на новиот соло-албум на основачот на групата „Дивље јагоде“, легендарниот балкански гитарист и композитор Зеле Липовача. Во својот препознатлив стил, а наедно многу емотивно и искрено, односно онака како што треба да се обработи една традиционална мелодија, Зеле и овој пат одлично ги спои звуците на македонското поднебје и звукот на својата гитара.
Единствената изведба на нашата позната народна песна „Македонско девојче“ не можеше да мине без македонски креативци, браќата Гаро и Диран Тавитјан, кои свиреа на тапан, односно на клавијатура, а им се придружи и Александар Јовевски, кој свири на кавал.
Песната е снимена во студиото „Парамециум“ во Скопје, како и во „Шишмиш“ во Нова Горица, Словенија, мастерингот го направи Швиги, додека за продукцијата беше задолжен Липовача.
За песната е направено и визуелно видео, кое го продуцираше „Кроација рекорд дигитал“, додека официјалниот спот наскоро ќе почне да се снима во Скопје.
Работниот наслов на новиот албум на Зеле е „You Are the Wind and I’m the Flame“ и ќе биде објавен оваа есен. Тоа ќе биде продолжување на носачот на звук „Internal Waves of Love“, објавен во 2016 година, односно третиот соло-албум на познатиот музичар.