Солта ни е потребна за голем број метаболистички процеси во организмот, а може да добиваме доволно количество сол без дополнително солење на храната. Пресметано е дека на организмот му се потребни до два грама сол на ден, а ние во просек консумираме, дури и до 11 грама на ден. Меѓутоа телото може да се навикне на намалено внесување сол и се верува дека приспособувањето на намаленото внесување сол за половина од нормалното трае од 2 до 3 месеци. Вреди да се проба, бидејќи помалку сол во исхраната носи многу здравствени придобивки.

1. Се намалува крвниот притисок
Натриумот во готварската сол (натриум хлорид) ја задржува течноста во организмот, а колку повеќе натриум, толку повеќе течност и поголем е циркулирачкиот волумен на крвта. Зголемувањето на циркулирачкиот волумен, заедно со намалувањето на еластичноста на крвните садови, како резултат на атеросклеротични промени во ѕидовите на крвните садови, доведува до зголемување на крвниот притисок. Додека со помалку натриум, се намалува циркулирачкиот волумен, со што крвниот притисок се спушта.

2. Се намалува ризикот од срцев и мозочен удар
Високиот крвен притисок е еден од главните фактори на ризик за кардиоваскуларни болести од кои најфатални се срцевиот и мозочниот удар. Многу истражувања ги поврзуваат 54 отсто од сите мозочни удари и 47 отсто од инфарктите со високиот крвен притисок. Со помало внесување сол се намалува крвниот притисок, а со тоа и ризикот од срцев и мозочен удар.

3. Помалку вода, помалку килограми
Солената храна задржува вода во организмот, а на сите ни е познато чувството на надуеност по јадење на многу солен оброк. Преголемото внесување сол ги оптоварува бубрезите, бидејќи природниот процес на излачување е нарушен и акумулираната вода доведува до оток. Со помалку сол, нема да се задржува толку многу вода, а на вагата ќе забележите и помалку килограми.

4. Полесно до идеална тежина
Со намалувањето на солта, исто така придонесуваме и за поздрав начин на исхрана. Првенствено затоа што јадеме помалку готова храна, индустриски преработена, брза храна, сувомесни производи и слично. Со внесување повеќе интегрални жита, зеленчук и овошје во исхраната и приготвување свежа храна дома, ќе го намалиме внесувањето други состојки, како што е премногу шеќер, што исто така доведува до зголемување на телесната тежина.

5. Различни потреби за калиум
Многу овошје и зеленчук и интегрални жита, како и приготвување месо и други оброци со избегнување пржење и похување, не само што ќе помогне да се намали солта туку и да се обезбеди доволно количество калиум во организмот, што е важно за одржување добро ниво на крвен притисок. Најдобар извор на калиум е свежата храна, минимално обработена, а од друга страна, свежата храна содржи помали количества натриум.

6. Подобро здравје на внатрешните органи
Не само срцето и крвните садови, туку и бубрезите и мозокот ќе имаат корист од намаленото внесување сол. Со покачувањето на крвниот притисок во крвните садови, солта ги оштетува бубрезите, бидејќи им носи дополнителен товар, така што појавата на камења не е невообичаена. Коските се исто така погодени како резултат на калциумот, кој се излачува премногу во урината. А апсорпцијата на калциум во организмот зависи од видот на храната и хранливите материи што се консумираат. Најголем дел од калциумот добиваме од млечни производи, зелен зеленчук, сушено овошје, риба и ореви. Премногу сол ги намалува когнитивните способности и го уништува мозокот, бидејќи протокот на крв е намален.

7. Превенција од болести
Намалувањето на дневното количество сол во исхраната се препорачува за сите, и за оние што страдаат од хипертензија, но и за здравите луѓе за да не ја добијат. Имено, секое трето лице е изложено на ризик од развој на висок крвен притисок, а сѐ повеќе и повеќе деца страдаат од хипертензија. Според Светската здравствена организација, препорачаната дневна доза треба да биде до 5 грама на ден.

8. Намален ризик од рак на желудник
Податоците покажуваат дека придржувањето кон препораките за дневно внесување сол би го спречило секој седми случај на рак на желудник. Научниците докажаа дека високото внесување сол и консумирањето солена, конзервирана или пушена риба или месо, како и внесувањето нитрати, нитрити и секундарни амини се во корелација со развојот на рак на желудник. За солта се претпоставува дека предизвикува оштетување на облогата на желудникот што ќе ја олесни инфекцијата со бактерија, како што е хеликобактер пилори, која е поврзана со карцином на желудник.

9. Подобрување на астмата
Се смета дека солта ја зголемува реактивноста на бронхиите, ги влошува симптомите на астма и влијае на морталитетот кај асматичарите. Истражувањата покажаа дека намалувањето на внесувањето сол во период од две до пет недели значително го намалува воспалението на дишните патишта, ја подобрува функцијата на белите дробови и ја намалува потребата за употреба на бронходилататори.

10. Ќе почнете да чувствувате и други вкусови
Доколку пробате да не ја досолувате храната, барем неколку дена, ќе почувствувате дека повеќе не сакате многу солена храна. Сетилото за вкус ќе ви закрепне, така што ќе можете да разликувате и други вкусови. Наместо сол, користете билки, бидејќи тие обично имаат лековити својства, разновидни вкусови, но исто така го подобруваат чувството на соленост на храната. Во вашата дневна подготовка за оброк, вклучете босилек, оригано, магдонос, пипер, лукчиња, пиперки, мајчина душица, нане, куркума, ѓумбир, кари, копар, рузмарин…