Мандарина против дебелина

За време на есента треба да се јадат вкусните и мирисливи мандарини во што поголеми количества. Ова сочно овошје помага за намалување на лошиот холестерол и го штити срцето, а бидејќи го продолжува чувството на ситост, се препорачува и за оние што сакаат да се ослободат од вишокот килограми. Пектинот во мандарината го спречува зголемувањето на нивото на шеќер во крвта, а со тоа и чувството на глад. Нејзините состојки, витамин Ц и витамини од групата Б, минерали, калциум, магнезиум, цинк и калиум, позитивно влијаат на здравјето на мозокот, со подобрување на неговите функции, што придонесува за подобра меморија и концентрација.
Неодамнешните истражувања покажуваат дека мандарините ја содржат супстанцијата ноблетин, која помага во борбата против дебелината, го штити здравјето на артериите и штити од дијабетес тип 2. Дури и кората од мандарина не треба да се фрла, бидејќи е богата со лековити есенцијални масла. Мирисливите кори може да се исечкаат, сушат и чуваат, да се ставаат во чаеви во текот на зимата или да се приготви мирислива топла антистрес-бања. Секако, треба да се користи само кора од органски одгледувано непрскано овошје.