Советскиот космонаут Алексеј Леонов, првиот човек што излезе од леталото во вселената и беше командант на првата заедничка вселенска мисија помеѓу Советскиот Сојуз и САД, почина на 86-годишна возраст. Тој успешно „шеташе“ во вселената за време на мисијата „Восход 2“ на 18 март 1965 година и помина 12 минути на отворен простор. Лебдењето на космонаут во вселената, според него, некое време беше нарекувано „леоновање“.

Леонов двапати леташе во вселената, при што летовите траеја вкупно седум дена. За време на вториот лет, во 1975 година, тој го предводеше екипажот на Сојуз 19, кој учествуваше во меѓународната мисија за спојувањето во орбитата со мисијата на САД, „Аполо 18“. Леонов требаше да биде првиот космонаут на СССР што ќе слета на Месечината, но таа мисија беше откажана. Првиот космонаут што прошета во вселената е погребан на Сојузните воени гробишта во Москва.