Збогум за легендарната актерка Мира Фурлан

Познатата филмска и театарска актерка Мира Фурлан почина на 66-годишна возраст, во средата, 20 јануари. Веста ја потврди и нејзиниот пријател, авторот на американската научнофантастична серија „Бабилон 5“, Мајкл Страчински, во која Фурлан ја играше амбасадорката Минбари Делен.
– Ноќ на голема тага, бидејќи нашата пријателка и другарка тргна по патот каде што не можеме да ја достигнеме. Но, како и за сите нешта, со време ќе ја стигнеме и верувам дека таа ќе има многу приказни и многу нови улоги што ќе ги сподели со вселената – објави Страчински.
Една од најпопуларните југословенски актерки од Хрватска и секс-симбол во 1980-тите, Мира Фурлан емигрира во САД во 1990-тите. Фурлан ланската година ја помина во самоизолација во Лос Анџелес, каде што живееше и работеше во филмско училиште. Во брак беше со српскиот режисер Горан Гаиќ.
Фурлан играше во славните филмови како „Татко на службен пат“ на Емир Костурица и „За среќа се потребни тројца“ на Рајко Грлиќ, како и во ТВ-сериите „Вело мисто“, „Непокорен град“ и „Вучјак“. Во САД е позната по улогите во сериите „Изгубени“ и „Бабилон 5“.
Славната актерка пред пет години беше меѓу главните гости и почесни членови на главното меѓународно жири на новиот филмски фестивал „Киненова Скопје“, кој се одржа во октомври, на повеќе локации Скопје.