Македонската фолк-сцена остана без уште едно златно грло. Во петокот, во 71-та година од животот, ненадејно нѐ напушти пејачот Ѓоко Дончев. Доајенот на македонската народна музика беше активен на сцената повеќе од 25 години и со своите песни ја обележи златната ера во македонската фолк-музика.
Во текот на својата плодна музичка кариера Дончев соработуваше со нашите најдобри изведувачи и композитори и испеа некои од најубавите македонски фолк-песни. Во македонската народна музика остави длабока трага со своите безвременски хитови, како легендарните: „Сношти, Кате“, „О, доме мој“, „Чуј ги, куме, свирачите“, „Зимски ноќи“, „Ах, ти младост чудна си ми била“ и многу други. Ќе го паметиме и по дуетската песна со Петранка Костадинова „Македонија името не го менува“.
Ѓоко Дончев, освен како исклучителен професионалец и посветен на своето семејство, пријателите и на колегите, кои со одбрани зборови се простуваат од него на социјалните мрежи, ќе го паметат како посебно харизматичен и ведар човек. Од него со емотивна посвета се прости и Перо Костадинов, градоначалникот на неговото родно Валандово.

– Ѓоко Дончев беше репрезент и гордост на Валандово и на валандовчани. Го сакаше родниот град и насекаде го носеше со себе. Лично, загубив пријател што несебично се даваше себеси и носеше ведрина за секого. Сите заедно, загубивме музичар, кој зад себе има оставено дела со непроценлива вредност за македонскиот фолклор.Секогаш ќе ги пееме неговите песни, ќе се присетуваме на неговата ведрина и ќе недостига неговиот оптимизам. Живееше со полни гради и го сакаше животот. Никогаш нема да заборавиме на енергијата што значеше животворност и секогаш на него ќе се присетуваме со радост. Неговиот пример ќе биде поттик за сите нас – рече Костадинов.
Ѓоко Дончев имаше голем број фестивалски настапи и концерти, добитник е на многу награди, а еден од последните негови настапи беше во 2019 година, на „Валандово фолк-фест“, кога настапи на ревијалната вечер.