Научниците утврдиле дека биодиверзитетот на повеќе од половина од реките е длабоко погоден, при што големите риби се заменети со инвазивни видови. Познато е дека од 1970 година исчезнале 80 видови риби, од кои 16 во изминатата година. Најтешко погодени области се Западна Европа и Северна Америка, каде што живее бројно и побогато население, па и влијанието врз реките е најсериозно, како Темза во Велика Британија и Мисисипи во САД, пренесува „Би-би-си“.

Загадувањето, излевањето на канализациските води, браните, претераниот риболов и покачувањето на температурите како резултат на климатски промени, се некои од факторите кои влијаеле врз намалувањето на бројот на слатководни риби.

Во извештајот што заедно го подготвија 16 конзерваторски групи, и кој опфаќа речиси 2.500 реки, се вели дека бројот на слатководните риби се намалил за три четвртини во изминатите 50 години, а на големите видови риби за дури 94 отсто.

Реките и езерата покриваат само еден отсто од планетата, но нивните 17.000 видови риби претставуваат една четвртина од сите ‘рбетници. Најголемиот речен биодиверзитет е пронајден во Јужна Америка, но научниците утврдиле дека таму се наоѓаат само шест отсто од најнедопрените реки на светот.

Само 14 отсто од реките на светот имаат популација на риби поштедена од сериозна штета што ја предизвикуваат човечките активности, вели најобемното истражување на оваа област досега.