Силните чувства и големата енергија на Сузана Јовчева заедно со љубовта на сите Македонци кон татковината, беа соединети во нејзината нова песна „Македонија“, која неодамна беше објавена на Јутуб. Песната е напишана за сите кои ја сакаат Македонија.

– Долг период живееме во тешки времиња. Чувствував потреба да создадам песна за мојата татковина, песна што ќе допре до луѓето, до нивната емоција, до нивната душа. Чувствував дека томку сега е најпотребно да дадам скромен придонес за развојот и унапредувањето на македонските песна и култура – открива Јовчева.

Преку песната, Јовчева ги пренесува нејзините чувства кон татковината. Таа сакала да направи новосоздадена песна базирана на традиционална, етно основа со современ аранжман. За звукот и енергијата на песната голем придонес исто така дадоа сите кои учествуваа во нејзината реализација.

– Од една страна, користени се народни инструменти карактеристични за македонската традиционална музика, а од друга страна електрични гитари коишто на песната ѝ даваат една поинаква димензија и ја претставуваат на поинаков начин. На крајот, сепак, песната го има печатот на македонската традиционална музичка уметност – објаснува Јовчева.

За снимањето на песната „Македонија“, односно во текот на соработката меѓу Јовчева и музичарите, таа им ја пренела идејата, а тие, пак, на свој начин дале печат и енергија во аранжманот на песната.

– Едноставно, комунициравме на духовно ниво, на ниво на енергија и така се разбиравме. Верувам дека така е најдобро – објаснува Јовчева.

Инспирација за пишувањето музика таа го наоѓа во љубовта, енергијата и силните чувства кои ги има во одредени моменти или периоди од животот. Песните ја пренесуваат нејзината енергија, што извира од нејзините емоции.

– Никогаш не седнувам со намера да пишувам музика и никогаш тоа не оди со сила. Тоа доаѓа од внатрешноста на душата и е многу едноставно. Седнувам со инструмент и на едноставен начин ја пренесувам емоцијата. Ако на почетокот песната е искрена и пренесува љубов, тогаш знам и верувам дека ќе звучи прекрасно. Исто е и со текстовите. Со малку зборови сакам да кажам многу, некогаш на најобичен, едноставен начин, за секој слушател да може да ја почувствува пораката на свој начин, да се пронајде самиот себеси – вели Јовчева за нејзиниот креативен процес.

Таа досега настапувала на повеќе музички фестивали низ Македонија и низ светот, на кои настапила со сета нејзина сила и искреност.

– Чувствувам дека луѓето ги препознаваат силата и искреноста каде и да настапувам. Сум настапувала на речиси сите релевантни музички фестивали во Македонија, како и повеќе пати низ светот, a размената на енергија со публиката секогаш биле прекрасни – истакнува Јовчева.

Долги години таа соработува со музичката група „Синтезис“, која е култен состав на македонската музичка сцена, што црпи инспирација од нашата музичка традиција и на вистински начин ја презентира македонската музичка култура, како во Македонија, така и во светот.

– Честопати во минатото се случуваше поради објективни причини некоја од вокалните солистки на „Синтезис“ да не биде во можност да настапи на некој концерт. Тие во мене препознаа човек и уметник којшто достојно и со многу љубов може да се вклопи во бендот и да одговори на предизвикот. Едноставно веруваа во мене. Со цело срце уживам во соработката и настапите со нив, давам сѐ од себе и верувам дека тоа го правам на најдобар можен начин. Им должам голема благодарност и чувствувам искрена почит кон сите нив – вели Јовчева за соработката со „Синтезис“.

Неодамна, Јовчева настапуваше со „Синтезис“ на турнеја во Австралија. Турнејата поминала прекрасно, а распродадените концерти резултирале со огромна размена на позитивна енергија и емоции, што кулминирале со експлозија од овации.

– Сметам дека на достоен начин и на високо ниво ја презентиравме македонската песна, македонската култура којашто духовно треба да ни биде водич во иднина – смета Јовчева за соработката со „Синтезис“.

На професионално ниво, Јовчева сака да соработува со музичари со кои има „хемија“, коишто го чувствуваат она што е предмет на креативноста во периодот на создавањето и кои имаат професионален пристап кон музиката. Она што вообичаено произлегува од таква соработка секогаш е големо, искрено и трајно. 

– Ако се случи спонтана соработка со позитивен дух и од тоа произлезе убава песна, секогаш сум отворена за таква соработка и на таков начин сакам да функционирам и создавам музика во иднина. Оттука, во иднина сакам искрено да го работам тоа во што уживам, а ако тоа им се допадне на луѓето, би се чувствувала прекрасно – истакна Јовчева.

Таа сака да соработува со оние кои искрено и вистински ја чувствуваат музиката. Дури и ако станува збор за врвен уметник, ако не се пронаоѓа и нема желба да се вклопи во креативниот процес, тогаш подобро е да не се случи таквата соработка. Во други случаи, младите и непознати музичари кои имаат голема желба, енергија и креативност можат да дадат многу повеќе од познатите имиња, според Јовчева.

– Музиката е уметност и за нејзино создавање потребно е човек да има многу љубов во него – смета Јовчева.