Постојаната полемика околу парите што ги остави поп-ѕвездата Принс кој почина без тестамент на 57 години, повторно се вжештува, откако пресметките на американската даночна служба (ИРС) покажаа дека извршителите го потцениле имотот на ѕвездата за 50 отсто или за околу 80 милиони долари, пренесуваат светски медиуми.

ИРС утврдил дека имотот на Принс вреди 163,2 милиони долари, отфрлајќи ја проценката од 82,3 милиони долари поднесена од администраторот на имотот  „Комерика банка“. Според судските документи несогласувањето првенствено се однесува на процентот кој е договорен за објавување и снимање музика на Принс.

Документите покажуваат дека ИРС утврдил оти имотот на Принс должи уште 32,4 милиони долари за федерални даноци, што е приближно двојно зголемување на даночната основа во споредба со проценката, објави „Стар трибјун“.

ИРС наложила да се платат 6,4 милиони долари за „казна поврзана со точноста“ на имотот на Принс, повикувајќи се на „значително“ намалување на вредноста на имотот, покажуваат документите.

По смртта на Принс започна една од најголемите и најсложените судски постапки за неговата оставнина во историјата на американската сојузна држава Минесота. Проценките за нето вредноста значително се разликуваат, во вредност од 100 милиони до 300 милиони долари.

Со одолговлекувањето на случајот со оставнината на Принс, најмногу се незадоволни неговите шест браќа и сестри, особено што за поделба на имотот платија десетици милиони долари на адвокатите и консултантите.