Неодамна дипломирав на академијата САЕ во Барселона, на Катедрата за електронска музика и аудиопродукција. Откако го завршив факултетот, ми се отворија многу врати во Европа и во светот, вели Никола Перевски-Пере

Никола Перевски-Пере, лидер на „Нокаут“

Годината во која поради пандемијата на коронавирусот запреа речиси сите културни и забавни настани е една од најуспешните за македонската група „Нокаут“, која постои веќе 24 години. На Никола Перевски-Пере, лидерот на бендот и единствен од првиот состав, и на другите членови оваа 2020 година им донесе неколку мегаконцерти под ведро небо, победа на „Макфест“ со песната „Сакам да живеам“, за која неодамна беше промовиран и спот, до крајот на годината најавија промоција на документарен филм за групата, а го привршуваат и четвртиот албум.

На „Нокаут“ му успеа да ја „нокаутира“ короната со креативност. Дали сте задоволни од она што го постигнавте во проблематичната 2020 година?
– Се разбира, и им благодариме на сите што нѐ поддржаа во реализацијата на нашите проекти. Во годината што го запре целиот свет, нашиот бенд не престана да работи. Работевме активно на неколку интересни новини за бендот. Зад нас е промоцијата на новиот спот за победничката песна на „Макфест“, „Сакам да живеам“, за која текстот го напиша Огнен Неделковски, музиката е на неговиот син Филип Неделковски, кој му даде еден свеж ветер на бендот, а за продукцијата се погрижи Дарко Димитров. Се надеваме дека и во видеоприказната успеваме на најдобар можен начин да ги пренесеме емоциите на песната, која е автобиографска и зборува за сето она што го доживеав последниот период. Песна со која ги славам животот, љубовта, исполнетите желби, душевниот мир и спокојот. Љубовта кон мојата идна сопруга, кон моите две ќерки Михаела и Каја, кон родителите, брат ми, кон најблиските пријатели. Инаку, режијата на видеоприказната е на Јован Куциноски, од „Моушн емоушн“, со кој го работевме и видеото на „Позитивно“ и „Ти си таа“.
До крајот на годината најавивте и промоција на документарецот „Би се викал Нокаут“, во режија на вашиот пријател Владимир Митревски-Ѓуле. За што станува збор?
– Ѓуле заедно со неговата екипа последниве неколку месеци нѐ следи секаде каде што одиме и лови интересни моменти од нашите настапи, проби, дружби. Во документарецот ќе бидат вклучени и песните од новиот албум, кои се снимени во живо. Ветуваме видеодокумент со многу необична приказна. Ќе има и изјави на голем број наши соработници во текот на нашето 24-годишно опстојување на нашата сцена.
Новиот, четврти студиски албум е во завршна фаза. Што можеме да очекуваме?
– Албумот ќе содржи десет композиции, некои од песните што ќе се најдат на изданието се веќе објавени („Ноември“, „Кога ме сакаш ти“, „Сакам да живеам“…), а некои од нив се комплетно нови. Неговата промоција се планира за почетокот на идната година.
На промоцијата го претставивте и новото ребрендирано лого, кое ќе биде белег на сите ваши следни проекти. Зошто се решивте на тој чекор?
– Ова е вистинско време да свртиме нова страница на нашиот бенд и отсега сите наши проекти ќе излегуваат со новото лого. За мене, новините секогаш се добредојдени и драго ми е што „Нокаут“ почнува нова креативна приказна. Дизајнот на логото го направи Андреј Марјановиќ, кој го дизајнира и плакатот за документарецот „Ханиленд“.
Во изминатите неколку години живеевте на релацијата Барселона – Скопје, која беше причината?
– Неодамна дипломирав на академијата САЕ во Барселона, на Катедрата за електронска музика и аудиопродукција. Откако го завршив факултетот, ми се отворија многу врати во Европа и во светот, бидејќи дипломата е признаена насекаде. Овој институт е австралиски бренд и добро котира и во светски рамки, го има во 40 држави. Сметам дека сето она што го нуди САЕ е токму она што ми беше потребно за да се надградам професионално, но и да разменам искуства со луѓе со кои делиме иста љубов – музиката. Дополнително, бев маѓепсан од енергијата и убавината на градот, па одлучив да дипломирам и на Катедрата за аудиоинженери.
Освен успесите на професионален план, оваа година за вас е значајна и поради тоа што со вашата свршеница Јована очекувате принова?
– Оваа 2020 година за многумина беше тешка, но за мене, ете, и на приватен план е една од најубавите во мојот живот. Имам 43 години и се радувам на скорашното доаѓање на свет на мојата трета ќерка. Како што реков, во стиховите на песната „Сакам да живеам“ секој збор има симболика. „Птицата во мрак“ е љубовта што слета на мојот праг во вистинскиот момент, мојата Јована, која ми ја дава најголемата поддршка во сѐ, па и во работата. Наскоро ќе станеме родители на девојче. Иако веќе имам две ќерки од првиот брак, повторно ги чувствувам истата трема и возбуда. Веќе сум искусен татко, постарата ќерка Михаела има 21 година и исто така ја избра музиката за своја професија, а помалата Каја има 13 години. Уживаме во миговите што ги минуваме заедно и во креирањето заеднички планови, во кои ќе бидат вклучени и тие.