Медиумите во светот одлучија да го користат терминот „климатско предупредување“ (climate emergency) при известувањето за климата.
Научните докази јасно покажуваат дека живееме во еден вид климатска вонредна состојба и дека е потребно известувањето да ја придружува итноста на ситуацијата.
Едно од најчитаните популарни научни списанија во светот, „Сајантифик Американ“, објави дека отсега ќе го користи терминот „климатско предупредување“ наместо терминот „промена на климата“ при известувања за климатска криза. Како што наведува ова списание во изјавата на својата веб-страница, причината за оваа промена лежи во солидното научно знаење, а не во политиката или во стилот на новинарскиот јазик и време е работите да се нарекуваат со вистинското име. Илјадници научници од целиот свет, преку истражувачки трудови објавени во угледни научни списанија, јавни настапи и интервјуа, рекоа дека светот се соочува со вонредна состојба во климата. Ваквиот став на научната јавност се рефлектира во студијата наречена „Предупредување на светските научници за вонредна состојба во климата“, која досега ја потпишаа повеќе од 13.000 научници. Покрај списанието „Сајантифик Американ“, одлуката за промена на споменатата терминологија, меѓу другото, ја донесоа „Колумбија џурнализам ривју“, „Нејшн“, „Гардијан“, „Нотицијас телемундо“, „Ал џезира“, јапонскиот „Асахи Шимбун“ и италијанската „Ла Република“. Овие медиуми се членови на глобалната новинарска иницијатива „Каверинг климат нау“, во која членуваат над 400 медиуми.

Во изјавата на оваа иницијатива се вели дека зборовите се важни, како и дека човештвото мора веднаш да ги преземе сите можни мерки за да се зачуваат поволните услови за живот на нашата планета.
Доколку не успееме да ја намалиме концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, ќе се соочиме со екстремни температури, бури, пожари, поплави. Ваквите крајности може да направат значителен дел од планетата ненаселив, што носи социолошки, економски, безбедносни и здравствени последици.
Иницијативата смета дека начинот на кој медиумите известувале за пандемијата на ковид-19 е добар модел што треба да се примени при известувањето за „климатското предупредување“.
– Водени од научни факти, новинарите ја опишаа пандемијата како итна состојба, го забележаа нејзиното разорно влијание, се бореа против дезинформациите и ја едуцираа јавноста за тоа како да се заштитат. На светот му е потребна истата посветеност на медиумите за да ја раскажат приказната за климатските промени – истакнува „Сајантифик Американ“.