Сакав да бидам покреативна и отсекогаш сум сакала да фотографирам убави нешта и да им ги пренесам на луѓето. Кога станав тренер, девојките почнаа да ме прашуваат за совети и сфатив дека на мене не ми е тешко да напишам или да дадам некој совет, бидејќи веќе тоа го знам. Токму тоа ми беше инспирација за да почнам да објавувам фотографии и корисни совети на Инстаграм, вели Елена Ѓоргиевска, добитничка на наградата „лајфстајл инфлуенсер“ за годинава.

– Наградата што ја добив навистина многу ми значи, бидејќи секојдневно вложувам голем труд во работата – рече Ѓоргиевска во разговорот за „Нова Македонија“.

Таа три години работи како аеробик и пилатес инструкторка во фитнес студиото „Фит Лајф“.

Ѓоргиевска почнала да се занимава со вежбање бидејќи сакала да ги подобри својот изглед, но и своето здравје. Таа почнала со зумба, па потоа се префрлила на аеробик и на пилатес, а по некое време почнала да вежба и јога во својот дом.

– На Интернет видов девојка која вежба и многу добро ги објаснува вежбите. Тоа многу ме мотивираше за да се информирам дополнително за вежбите и почнав да истражувам. На Стоматолошкиот факултет на кој студирам имаме предмет физиологија, кој ми е еден од омилените. Тоа дополнително ме мотивираше за подобро да се информирам и да прочитам за сѐ што ме интересира – наведува Ѓоргиевска.

Имиџот што го стекнала, како што вели таа, помага при давањето совети откако станала инструкторка во студиото „Фит Лајф“. Таа заедно со нејзините колешки објавува информации, видеа со вежби, здрави рецепти и одговара на прашања на Инстаграм и на Фејсбук.

– Кога некој ќе ми напише дека направил нешто од рецептите и било многу вкусно, јас сум исполнета со среќа. Се чувствувам корисно, бидејќи сум направила нешто добро – истакна таа.

Нејзин идол е Христе ди Паоло од каналот на Јутуб „Попшугар“, посветен на фитнесот.

Ѓоргиевска на читателите им порача дека не треба да се плашат и срамат да почнат со вежбање доколку имаат повеќе килограми, односно да не им биде непријатно дали некој ќе ги гледа додека трчаат, или дека нема да изгледаат добро во спортската опрема.

– Не треба да се плашите да почнете со вежбање, треба само да почнете. Нема „утре“ или „од понеделник“ – има само „сега“. Треба да станете од кревет, да почнете и секако да имате позитивна мисла. А ние тренерите сме тука за вас, за да ви покажеме и објасниме сѐ што ве интересира. Не плашете се, не е ништо страшно. За вежбање се потребни само упорност и позитивна мисла – порача таа.