Кој знае подобро од астронаутите на Меѓународната вселенска станица како изгледа да се престојува со месеци во еден затворен простор. Еден од нив е Крис Касиди, астронаут на НАСА, кој се подготвува да полета за Меѓународната вселенска станица. За време на подготовките, задолжителен е и карантинот. Но за Касиди, сепак, тоа е само дел од рутината.
Пандемија или не, астронаутите на НАСА секогаш се изолирани две недели пред лансирањето за да се осигурат дека нема да пренесат некои несакани вируси до вселенската станица. Тоа е процес што НАСА го нарекува „здравствена стабилизација“. Вселенската агенција објави дека размислува да ги тестира Касиди и неговите членови на екипажот на новиот вирус ковид-19 пред да полетаат, само за да бидат сигурни дека сè е во ред.
Касиди, кој е капетан на морнарицата на САД и поранешен член на единицата „Фоки“, ќе им се придружи на космонаутите Анатолиј Иванин и Иван Вагнер на 9 април на руската ракета „Сојуз“ што ќе биде лансира до Меѓународната вселенска станица. Триото ќе живее и ќе работи на вселенската станица шест месеци, како дел од експедицијата 63, предводена од Касиди.

Тоа ќе биде негово трето вселенско патување, откако помина вкупно 182 дена во орбитата за време на летот со вселенско летало во 2009 година и престојот на Меѓународната вселенска станица во 2013 година, пишува „Нешнл џиографик“.
Во телефонското интервју од „Стар сити“ во Русија, каде што се подготвува за лансирање, Касиди зборува за неговата мисија и за тоа како пандемијата на коронавирусот може да влијае на времето што ќе го помине во лабораторијата во орбитата.

– Не можам да дочекам да ги видам Дру (Ендру Морган) и Џесика Меир и да ги прегрнам. Тоа е прекрасен момент. Тие емоции, насмевки и смеа, ако ги гледате на телевизија, да знаете дека се реални. Ние сме пријатели, колеги и соработници, но исто така сме луѓе што заедно доживуваат нешто одлично – вели Касиди.
Тој наведува дека сега, со оглед на пандемијата, подготовките не биле поразлични од порано, и дека карантинот за членовите на екипажот бил многу сличен на оној на кој веќе е навикнат.
– Чудно е што сите други сега се ставени во карантин. Концептот за физичка оддалеченост не се однесува само на тројца члена на екипажот, туку на сите – објаснува Касиди.

Со оглед на пандемијата, многу луѓе можеби првпат работат од дома. Но поради фактот што Меѓународната вселенска станица е, секако, најекстремната околина за ваква работа, Касиди има неколку совети.
– Поставувањето рутина е најдоброто нешто. Ние немаме друг избор кога е во прашање тоа, луѓето што ја контролираат мисијата ни кажуваат како ќе изгледа таа наша рутина. Но тоа го доживеав во војската. Имаше периоди за време на мојата служба во морнарицата кога немаше многу оперативни активности и откривме дека навистина е здраво за групата да остане во некоја нормална рутина – порачува астронаутот. М.К.