Како да се справиме со стресовите, обврските и предизвиците што ги носи модерното време во кое живееме? Овој одговор го бараме речиси секој ден. Експертите посочуваат дека многу е важно како ќе го започнеме денот, но и како ќе го завршиме.
Утрото е најдобро време да погледнете во својата потсвест, а писателката Џулија Камерон препорачува пред да се разбудите да ги напишете своите мисли барем на три страници. На хартија можете да ги ставите вашите соништа, да водите дневник или едноставно да направите потсетник за сето она што треба да го завршите за денес.

Поентата е да се напише, а можете и да цртате. Пишувањето помага да ја „исчистите“ потсвеста од работи што може да ви го забават размислувањето, така ќе имате повеќе време во текот на денот да се фокусирате на поважните обврски и на работата.

Експертот за кариера Мајкл Кер советува редовно да ги запишуваме трите позитивни работи што ни се случиле во текот на денот, бидејќи тоа е еден од најдобрите начини да се биде среќен. Не е доволно само да ги запомниме туку и да ги ставиме на хартија.

Тој исто така нагласува дека на крајот од работниот ден треба да ги поздравуваме колегите. Ова ќе создаде деловна рутина и ритуал што ќе ни помогне да се чувствуваме повеќе исполнети и среќни на долг рок.

– Тогаш ќе се вратите дома инспирирани, а не уморни. Тоа е особено важно ако сте директор – вели Мајкл Кер.