„Густав“ – култна анимирана серија

Унгарската анимирана серија „Густав“ беше исклучително популарна во источниот дел на Европа, особено помеѓу тогашните комунистички држави каде што стекна култен статус.
Во Унгарија серијата се прикажуваше на малите екрани во периодот помеѓу 1961-1982 година, а во преостанатите источноевропски земји во текот на 80-тите години на 20 век, најчесто како дополнување на програмските содржини. Нејзините ликови не говореа специфичен јазик, туку мрмореа.
Главната тематика на оваа анимирана серија е борбата на главниот лик Густав со сивилото на животот во градската средина. Епизодите не се меѓусебно поврзани, затоа Густав во една од епизодите е младоженец, а во друга има многубројно семејство. Густав се одликува со итрина, љубомора, асоцијалност, збунетост и комичност, а честопати влегува во неволји, кои се трансформираат во смешни ситуации.


Невообичаено високи велосипеди

Постојат невообичаено високи велосипеди што се творба на домашни мајстори, а најчесто се изработени со заварување на две или повеќе рамки на традиционалните велосипеди. Тие се користат за забава и рекреација, но понекогаш и за патувања. Велосипедистите велат дека кога возат ваков тип велосипед се чувствуваат безбедно, имаат подобар поглед на сообраќајот и се позабележливи од другите велосипедисти. Меѓутоа неговиот најголем недостаток се искачувањето и спуштањето.
Сѐ уште не е јасно кога првпат настанале овие велосипеди, а се верува дека биле конструирани за да се палат светилките на гас низ улиците на американскиот град Чикаго кон крајот на 19 век.


Како би изгледал Гај Јулиј Цезар ако би живеел во сегашноста?

Бека Саладин е уметник што ги преобразува историските личности во денешни луѓе. Саладин „оживеа“ многумина, а меѓу нив е римскиот државник Гај Јулиј Цезар.
Во историјата останува запаметен како римски диктатор што имал одлучувачка улога во пропаста на Римската Република и подемот на Римската Империја. Тој е првиот римски генерал што војува во Британија и ја минува реката Рајна. Во перцепцијата на Бека Саладин, римскиот диктатор и генерал има изглед на убав човек.


Тајна потрага – една од последните игри за „Атари 2600“

Тајна потрага е авантуристичка игра за конзолата „Атари 2600“, која беше објавена во 1989 година. Играчот контролира хуманоиден карактер што се бори со чудовишта. Тој е облечен во вселенски костим и неговата примарна задача е да го спречи уништувањето на вселенските станица од страна на вонземна раса преку деактивација на поставените експлозиви. Играта беше создадена како последен обид да се докаже дека конзолата „Атари 2600“ од 1977 година може да се натпреварува со современ хардвер. Конзолата беше засилена со 256 бајти РАМ и 16 килобајти РОМ.


Мумифицираните деца од Аргентина

Во Аргентина беа откриени три мумифицирани деца за кои се верува дека потекнуваат од Инките. Истражувањата покажуваат дека околу една година пред да бидат жртвувани во религиски обред, консумирале поголемо количество листови од кока и алкохол од пченка. Истражувачите веруваат дека врз децата не е извршено директно насилство, но комбинацијата од дрога и алкохол можеби ги објаснуваат причините за нивната смрт.
Меѓу мумифицираните деца се наоѓа и тринаесетгодишното т.н. ледено девојче, за кое научните веруваат дека шест месеци, особено последните недели, пред смртта било силно затруено со големи количества кока и алкохол. Искажувањата на научниците се засновани на анализа на косата земена од мумифицираните деца.
Истражувањата исто така покажуваат дека во последната година од животот, децата јаделе повеќе месо и пченка. Научниците веруваат дека децата потекнуваат од сиромашна аграрна средина и биле избрани за ритуална жртва. Во последната година живееле удобен живот меѓу свештеничките.