Марселезата настанува ноќта помеѓу 25 и 26 април 1792 година, во текот на војната помеѓу Франција и Хабсбуршката Империја. Нејзин автор е Клод Жозеф Руже де Лил. Најпрво се викала Марш на Рајнската армија и била посветена на грофот Николас Ланкер, бранителот на Стразбур. Како Марселеза стана популарна кога револуционерните доброволци од Марсеј ја пееја низ улиците на Париз, на 30 јуни 1792 година. Набргу француската армија и вооружените доброволците ја пееја на фронтот, со што стана симбол на францускиот отпор и револуцијата. На 14 јули 1795 година е прогласена за национална химна на Франција и останува запаметена како прва државна химна во Европа.
Многу брзо беше прифатена од револуционерните сили низ европските држави, како републиканска химна. Во 1875 година рускиот револуционер и теоретичар Петар Лавров напиша текст на руски јазик со истата мелодија. Оваа т.н. Работничка Марселеза беше една од најпопуларните револуционерни песни во Царска Русија, станувајќи симбол за време а револуцијата во 1905 година. Низ годините, Марселезата стана химна на меѓународното работничко движење, всушност текстот на Интернационалата, која беше напишана во 1870 година, во почетокот беше изведуван според мелодијата на Марселезата. Денес, покрај тоа што е химна на француската држава, е симбол на левичарите, особено анархистите што се инспирираат од Париската комуна.

Денес Марселезата се состои од седум строфи и рефрен, но низ годините текстот и музиката претрпеа многу промени. Има револуционерен и патриотски карактер: „Ајде, деца на татковината! Дојде денот на славата! Против нас е подигнато крвавото знаме на тиранијата!“ Честопати е критикувана како агресивна, особено поради изразот „нечиста крв“, кој се однесува на аристократијата. Имаше неколку обиди за повторно пишување на текстот, меѓутоа остана непроменет, бидејќи е симбол на Француската револуција.

Сцинкови – фамилија гуштери

Сцинковите се фамилија гуштери што вклучуваат околу 1.500 вида, кои се групирани во 153 рода. Личат на нивните роднини гуштерите, но повеќето од нив немаат изразен врат и нивните нозе се релативно мали. Повеќето од нив имаат средна должина на телото, околу 12 см, без опашката. Некои воопшто немаат екстремитети, а кај други се минијатурни. Опашката им е зашилена и долга, може да се обнови откако ќе се искине. Тие се предатори и најчесто се хранат со инсекти – скакулци, штурци, гасеници, бубачки итн. Меѓутоа, понекогаш нивниот плен се состои од други гуштери и мали глодачи, како и полжави, црви и пајаци.

Малави – едно од најдлабоките езера во Африка

Малави е големо африканско езеро, познато како петто по големина езеро со слатка вода во светот, деветто по големина езеро во светот според површината, трето според големината и второ најдлабоко езеро во Африка. Дом е на повеќе видови риби, а еден дел беше прогласен за резерват од страна на Владата на Мозамбик во 2011 година. Малави е меромиктско езеро, односно неговите слоеви вода не се мешаат.