Црквата „Св. Богородица Пештанска“ – пештерска црква

Црквата „Св. Богородица Пештанска“ се наоѓа кај селото Пештани во Општина Охрид. Во неа се зачувани фрески, кои, всушност, се најголемиот сликарски ансамбл што е зачуван во една пештерска црква на брегот на Охридско Езеро.
Не постојат историски извори за оваа црква, но истражувачите веруваат дека пештерските фрески поседуваат карактеристики на Охридската сликарска школа од 14 век и се слични со фреските во Марковиот манастир. Фреските се изработени на нерамна површина на карпите и се приспособени на обликот. Во внатрешноста може да се видат сцени од христијанските празници: Благовештение, Сретение Христово, Влегување во Ерусалим, Распетие и др., како и претставите на св. Климент и на св. Наум.


Бугари – турски номадски народ

Бугарите или Протобугарите биле турски номадски народ што во седмиот век живеел во касписката степа и по течението на реката Волга. Еден дел од истражувачите веруваат дека потекнуваат од Централна Азија и во текот на миграција кон запад апсорбирале други племиња и култури, како што се финско-унгарските и хунските племиња.
Бугарите говореле на турски јазик, односно бугарски јазик од групата на огурските јазици. Старите Бугари ги зачувале воената организација и обичаите на азиската степа, како и турскиот шаманизам и верувањето во небесното турско божество Тенгри. Еден дел од нив во седмиот век се населува на територијата помеѓу реката Дунав и Стара Планина каде што ги поставува темелите на средновековната држава позната како Прво Бугарско Царство. Старите Бугари слично како Аланите и Хуните им ги деформирале черепите на новороденчињата со ленен завој, со кој била затегнувана главата. Друга нивна карактеристика биле избричената глава и прамен коса како одлика на воините. Нивните владетели ја носеле титулата хан (кан), која е карактеристична за турските и монголските народи. Познати се неколку имиња на нивните владетели, како што се Аспарух, Тервел, Токту, Крум, Омуртаг и др.


Сиуда Баба – стар полски обичај

Сиуда Баба е стар народен обичај што е карактеристичен за Полска. Се прославува на Велигден, а денес е зачуван само во неколку села во околината на градот Краков. Ликот на Сиуда Баба го толкува маж што е обелен како жена, чие лице е поцрнето со саѓи. Сиуда Баба придружуван од Ром и од мажи облечени во традиционална полска носија ги посетува куќите, притоа собира донации и им ги размачкува лицата на девојчињата со саѓи. Најверојатно овој обичај потекнува од старословенскиот пролетен обред кога ритуално била протерувана зимата.


Сабанкаја – вулкан на Андите

Сабанкаја е активен вулкан на Андите. Вулканот е само еден дел од неколкуте вулкани што се протегаат на брегот на јужноамериканската држава Перу. Неговата активност најчесто се јавува во форма на лавини и текови. Колонијалните шпански извори забележуваат ерупции во 1754 и 1786 година, по што следува период од 200 години неактивност. Во 1986 година започнува период на нова активност, а кулминацијата е во 1990 година кога се случува вулканска ерупција. Во следните децении се забележани нови активности, како оние во 2013 и 2015 година. Од 2017 година над вулканот се забележува постојан гас и се случуваат емисии на пепел.