Фото: Горан Анастасовски

Бел волк

Белиот волк (познат и како поларен или арктички волк) е подвид на сивиот волк, кој потекнува од Канада, поточно од канадскиот арктички архипелаг, а од својот роднина – сивиот волк се разликува според белата боја и помалиот череп. Белиот волк и гренландскиот волк, кој потекнува од северозападниот дел на Гренланд, се одвоени подвидови на Canis lupus orion.
Но последните истражувања покажуваат дека белиот волк го колонизирал арктичкиот архипелаг во релативно ново време, поради што некои научници истакнуваат дека за белиот волк не може да се говори како за одделен подвид. Поради тоа што се поларни животни, во текот на летото се митарат, а во зимскиот период им се обновува густото и сјајно бело крзно. Овие волци развиле способност да преживеат на ниски температури, кои достигнуваат до минус 53 Целзиусови степени.


Белиот волк најчесто се храни со мошуст вол и арктички зајак, но честопати лови и арктички лисици и ирваси. Постојат полемики меѓу истражувачите дали мошустиот вол или арктичкиот зајак е главниот плен на белиот волк, но неколку истражувања покажуваат дека мошустиот вол е примарниот плен на овој волк. Според едно истражување, исхраната на белиот волк зависи од условите во текот на сезоната и годината. Има ретки примери кои покажуваат дека белиот волк понекогаш го убива младиот потомок на поларната мечка.


Овој волк релативно не се плаши од луѓето и има примери кога им се доближува внимателно и од љубопитност. Суровата клима ги ограничува истражувањата за миграцијата на овие волци, а единствената миграција се случува во текот на зимата, кога темнината е во текот на 24 часа. Во 1997 година се намали бројот на волци во Арктикот, како и неговиот плен, како што се арктичкиот зајак и мошустиот вол.
Според научниците, оваа состојба настанала поради штетните временски услови што владееле текот на четири години, меѓутоа со враќањето на летните временски услови почнало зголемувањето на популацијата на белиот волк. Денес поради климатските промени неговиот број се намалува и се соочува со можност од исчезнување.

Возрасните бели волци тежат околу 90 килограми и растат во должина од околу 5 стапки. Тие формираат глутница чија, бројка понекогаш може да биде околу 20 волци, а големината на глутницата зависи од достапноста на храната.
Тие се територијални волци, односно нивните територии се големи и понекогаш се граничат или преклопуваат со територијата на други бели волци. Својата територија ја обележуваат со урина.


Во скопската зоолошка градина пристигнаа токму вакви волци од Чешка, кои потекнуваат од зоолошките во Германија и во Литванија. Женката и мажјакот се на возраст од една година.
Бидејќи се поларни животни, тешко можат да се приспособат на климата во Македонија, меѓутоа тие се родени на европскиот континент и се адаптирале на европската клима.
Една од способностите на белиот волк е да преживее на ниски температури, меѓутоа и да се адаптира на високите. По белите лавови Бела и Чака, белите волци се вториот редок вид животни во зоолошката градина во Скопје.