Фото Горан Анастасовски

Сурус – легендарниот слон на Ханибал Барка

Сурус (Сириецот) е воениот слон со кој легендарниот картагински генерал Ханибал Барка ги преминал Алпите и навлегол во Италија, во текот на Втората пунска војна. Според историските извори, Ханибал во походот против Римската Република на располагање имал 37 воени слона, но Сурус е единствениот што преживеал. Сурус е опишан како голем слон со една долга и извиена коска, црвена наметка и црвен штит. На грбот носел платформа во која бил сместен Ханибал (генералот го изгубил едното око поради инфекција) од каде што можел да го надгледува бојното поле.

Археолозите пронајдоа картагинска монета од времето на Ханибал на која е прикажан северноафрикански слон, меѓутоа истражувачите веруваат дека Сурус e сириски (индиски) слон. Индискиот владетел Чандрагупта му подарил 500 воени слона на македонскиот крал Селевк Први, кои подоцна биле користени во војните во источниот дел на Средоземно Море и станале составен дел од армијата на Селевкидите.
Птолемеј Први (основач на македонската династија што владеела со Египет) за да воспостави рамнотежа на бојното поле, преку дипломатија и други средства успеал да обезбеди воени индиски слонови за потребите на сопствената армија.

Постепено користењето на воените слонови било прифатено од повеќето држави на Средоземно Море. Птолемеј Втори му подарил 20 воени слона на епирскиот крал Пир со кои извршил поход на Апенинскиот Полуостров и се судрил со римската армија, која првпат се запознала со овој начин на војување. Историчарите веруваат дека Сурус потекнува од слоновите на птоломејската династија, меѓутоа Картагинците за потребите на својата армија го користеле и северноафриканскиот шумски слон, кој денес е исчезнат.


Фидел Кастро – неколку факти за кубанскиот лидер

Кубанскиот лидер започнал да пуши на млади години, а првпат бил запознаен со пурите од неговиот татко. Фидел вели дека не знаел како да пуш и, за среќа, не го вдишувал чадот. Својата последна пура ја испушил на 50-годишна возраст и цели 45 години бил страстен пушач. Речиси на сите фотографии се забележува како Фидел Кастро држи или пуши пура, со што пурите станаа дел од неговиот имиџ.
Се претпоставува дека американските тајни служби организирале околу 600 неуспешни атентати врз кубанскиот лидер. Кастро на страниците на „Форбс“ се наоѓаше на листата на најбогати светски лидери, а неговото богатство се проценуваше на 500 милиони долари. Се верува дека Фидел има околу десет деца од пет различни жени.
Во една пригода кубанскиот лидер истакна дека настојува да не им дозволува на другите да му ги пишуваат говорите, а доколку други му го напишат говорот тогаш не би можел да излезе и да го одржи.


Лесновски паренезис – македонски кирилски ракопис

Лесновски паренезис содржи 332 пергаментни листа, од кои се зачувани 317 листа. Пишуван е од страна на монахот Тахота во Лесновскиот манастир со кирилско писмо и се верува дека потекнува од 1354 година. Неговата орнаментика е претставена со геометриски иницијали и украси со црвена боја. Претставува зборник со слова и поуки на ранохристијанскиот писател Ефрем Сирин, чии дела преку Византија се пренеле во средновековната македонска книжевност. Зборникот бил напишан по барање од епископот Арсениј и се поврзува со Кратовската школа. Лесновски паренезис денес се чува во Белград, Софија и во Санкт Петербург.


Сариса – копјето на македонската фаланга

Сарисата е копје со должина од околу 4 метри, кое било користено од македонската фаланга. Неговото сечило било двострано, кратко и во форма на лист, а копјето имало и бронзен т.н. чевел. Неговата должина има предност над другите антички војници со помали оружја, бидејќи непријателските војници морале да минат низ сарисата. Во борбена формација, македонската фаланга формирала т.н. ѕид од копја составен од пет реда војници. Сарисата била иновација на македонскиот крал Филип Втори, кој успеал да ја покори Грција.