Воената машина на Леонардо да Винчи- прототип на модерните тенкови

Леонардо ја дизајнирал оваа машина во 1487 година, додека бил под покровителство на миланскиот владетел Лудовико Сфорца, а според некои автори неговиот дизајн е прототип на модерните тенкови. Оклопното возило на Леонардо имало конусна обвивка, во форма на кожениот штит (оклопот) на желката. Оклопот се состоел од дрвена конструкција, засилена со метални плочи. Машината се движела со помош на две големи курбли, придвижувани од четири луѓе. Военото возило било опремено со неколку лесни топови, кои биле поставени околу периметарот. Според дизајнот, запчениците биле поставени во обратен редослед, со што машината не би можела да се движи. Меѓутоа, истражувачите истакнуваат дека ова е намерна грешка на Леонардо за да го заштити својот дизајн од кражба. Иновативната замисла на Леонардо не можела да се примени и реализира во 15 век. Во 2010 година, група истражувачи и научници, врз основа на нацртите на Леонардо, ја конструираа воената машина, притоа ги поправија грешките што постоеја во дизајнот, а за кои се верува дека се намерни.


Албино валаби

Поради ретката генетска мутација, која е резултат на нерамнотежа на меланинот, цревношиестото валаби понекогаш има снежнобело крзно и розови очи, канџи и нос. Овие валаби се познати како албино валаби или бели валаби. Тие се чувствителни на сончева светлина, честопати имаат проблеми со видот и се склони кон карцином, поради што имаат ниска стапка на преживување. Цревношиестото валаби е торбар со средна големина од семејството на кенгурите, кое живее во источниот дел на Австралија и островот Тасманија. Во 2018 година, во скопската зоолошка градина се роди албино валаби познато како Арчибалд. Неговата тетка Пикси исто така е албино.


Ечмијадзинската катедрала – најстарата катедрала во светот

Катедралата се наоѓа во ерменскиот град Ечмијадзин (во минатото Вахаршапат). Според истражувачите, таа е првата катедрала што е изградена во Ерменија и се смета за една од најстарите катедрали во светот. Денес е главна катедрала на Ерменската црква, а оригиналниот христијански објект бил изграден во четвртиот век, најверојатно во периодот помеѓу 301 и 304 година. Според ерменската традиција, била изградена од Григориј Просветителот (заштитник на Ерменија), откако ерменскиот крал Тиридат Трети го прифатил христијанството како државна религија. Основите на денешната катедрала се изградени во 484-485 година, а од петтиот век до денес таа е седиште на поглаварот на Ерменската црква. Оваа катедрала е културен, политички и религиозен симбол на сите Ерменци во светот, а во 2000 година беше вклучена во листата на УНЕСКО како светско културно наследство.


Лајаковски острови – островите на мамутите

Лајаковските острови ретко се посетуваат поради метеоролошките услови, а температурите може да паднат и под минус 20 Целзиусови степени. Патувањето може да биде опасно поради силните и ненадејните бури, кои често се случуваат, но и покрај овие услови, островите ги привлекуваат палеонтолозите, особено островот Големиот Лајаковски. Островите се лоцирани помеѓу Лаптевско Море и Источно Сибирско Море во северна Русија. Островите не се привлечни само за научниците туку и за трговците со слонова коска што бараат мамутски остатоци. Баронот Едвард Тол е меѓу првите што детално информирале за изобилството фосилни остатоци од епохата плеистоцен.