Едно микроскопско арктичко животно било замрзнато дури 24.000 години и оживело неповредено, пренесува американскиот технолошки сајт „Синет“.
Неодамна беше објавена студијата што детално го опишува исклучителното патување на бделоидната ротаторија, мало слатководно суштество што со милениуми преживеало во вечниот мраз на Сибир.
– Нашиот извештај е најсилен доказ до денес дека повеќеклеточните животни можат да издржат и десетици илјади години во „криптобиоза“, состојба на речиси целосно изгаснат метаболизам – изјави Стас Малавин, од рускиот институт за физичко-хемиски и биолошки проблеми во науката за земјиштето.
Малавин е коавтор на трудот што го опишува неверојатниот опстанок на ротаторијата, објавен во списанието „Курент бајолоџи“.
Микроскопските животни името го добиле по обратниот прстен на ситни влакна на еден крај од телото. Тимот на Малавин е специјализиран за извлекување примероци од замрзната подлога – пермафрост – со користење техника на дупчење. Оживеаната ротаторија стигнала од мала длабочина на подлогата, од околу 3,5 метри. Истражувачите на ова животно користеле „радиокарбонско датирање“ – начин за утврдување на староста на органските материи, со што пронашле дека е старо дури 24.000 години.
И откако се растопила ротаторијата дури била во состојба да се размножува со клонирање – делба, соодветна на овој животински вид.
Науката е сведок на импресивна еластичност на микроскопските животни. Така, тардиградите, наречени водни мечки можат да преживеат и замрзнување и нуклеарно зрачење. Истражувачите ги откриле овие ситни суштества и длабоко под ледената површина на Јужниот Пол.