Стефан Рајхал

Славенички концерт на „Бајага и инструктори“ во Скопје

„Ова не е само најголем концерт што периодов се одржал во регионот туку и во цела Европа“, рече Момчило Бајагиќ-Бајага завчеравечер, поздравувајќи ги скопјани пред почетокот на славеничкиот концерт, со кој тој и неговите инструктори одбележуваат 35 години успешна музичка кариера.
И покрај актуелната пандемија на коронавирусот, роденденскиот концерт на овој култен бенд, кој се одржа на стадионот на АРМ во Градскиот парк, во организација на продукцијата „Авалон“, предизвика голем интерес. Веројатно една од причините беше тоа што овој пат ги видовме и ги слушнавме во едно поинакво светло, во придружба на македонските симфоничари, со кои диригираше маестро Војкан Борисављевиќ, кој ги напише новите аранжмани на повеќето од песните, кои беа своевиден пресек на најголемите хитови на групата од самите почетоци до денес.
Ова музичко патување, кое траеше околу три часа, почна со настапот на македонскиот музичар Стив Роудс, кој свирејќи на синтисајзер претстави неколку песни од својот нов албум, додека, според сите протоколи за јавни настани, публиката не ги наполни сите бели коцки на тревата, држејќи дистанца. И веднаш по него „Бајага и инструктори“ го пуштија својот филм да истече, токму како во песната „Зажмури“.

И се редеа: „Јошт те волим“, „Змај од ноќаја“, „Било би лако“, а потоа и малку побрзите: „Мали слонови“, „Може да те убије гром“ „442 до Београда“, „Даљина, дим и прашина“, „Ружа ветрова“, „Римјани“… Стихови што сите ги занеме на памет, како задолжителна лектира. И затоа не треба да нѐ зачуди тоа што големиот српски писател Душан Ковачевиќ за Бајага вели дека напишал некои од најубавите љубовни песни.
Ритамот се забрза со: „Године пролазе“, „Весела песма“, „Рибарева кќи“, „Са друге стране јастука“, „Живот је некад сив, некад жут“…, а неуморниот Жика Миленковиќ упорно се трудеше да ја анимира публиката, пеејќи и зборувајќи на македонски, па дури и се качи на дел од сценографија.
Всушност, сите членови на овој култен бенд максимално се потрудија секоја од песните да звучи перфектно, иако малку поинаку од вообичаеното, но истовремени и понестварно и понедофатливо.

Во изведбата на „Буѓење раног пролеќа“ на сцената се приклучија и женскиот хор „Света Злата Мегленска“, машкиот хор од Македонската опера, а се разлеа и убавиот глас на оперската певица Наде Талевска, што беше кулминација на вечерта. „Тоа се оние незаборавни мигови од нашите животи кога од убавина ти доаѓа да заплачеш“, прокоментираа некои од присутните.
Следуваа „Руски воз“, „Плави сафир“, „Ти се љубиш“ и се разбира „Моји другови“, која кај сите разбуди многу емоции. А дека љубовта беше во воздухот оваа незаборавна вечер доказ е и тоа што една Тамара, токму во мигот кога одекнуваше истоимената песна, го доби својот свршенички прстен.

Распеаната и разгалена публика и по официјалниот крај на концертот не сакаше ни да слушне да си замине, па следуваа уште два биса. Крајот го одбележи изведбата на „Кад ходаш“, како создадена за оваа ѕвездена, летна ноќ, полна со емоции и со спомени. И заминувајќи си сите ги „облековме чевлите за шетање низ соништата“.
И да, како што вели Бајага во својата нова песна „Овај свет се мења“, од истоимениот албум, што беше промовиран вчера во Белград, убавите нешта остануваат и се паметат.

Стефан Рајхал