Хауард Екс (лево) и Минјонг Ким заработуваат на сметка на популарноста на севернокорејскиот лидер

Ким Јонг-ун постојано е актуелен во медиумите, почнувајќи од нуклеарните закани, па до средбите со американскиот претседател Доналд Трамп и мировните преговори, а секое појавување на севернокорејскиот лидер во вестите им носи корист на неговите имитатори – Хауард Екс и Драгон Ким, пренесува Би-би-си.

Хауард Екс е политички сатиричар од Хонгконг, додека Мијонг Ким, познат и како Драгон Ким, доаѓа од Сеул. Тие се претставуваат како единствените членови на Здружението на имитатори на Ким Јонг-ун.

Несекојдневниот двоец заработува од имитациите на севернокорејскиот лидер во изминативе шест години, понекогаш и до 12 илјади евра дневно, појавувајќи се на отворањето на трговски центри, глумејќи во видео-игри, како и на родендените на богатите.

– Кога Ким Јонг-ун тестира ракета или го навредува Трамп, мојот телефон веднаш ѕвони со понуди за работа – вели Хауард Екс, кој неодамна имаше појавување во Макао, заедно со двојниците на Трамп и на рускиот претседател Владимир Путин.

Хауард Екс како Ким Јонг-ун

Двајцата имитатори имаат различен пристап кон работата. Минјонг го усовршил прецизниот дијалект на севернокорејскиот лидер, како и неговите мимики и движења, додека Хауард, кој одраснал во Австралија и не зборува корејски, се обидува да шокира кога го глуми ликот на Ким Јонг-ун, изведувајќи лудории.

Но, глумата носи и одредени ризици. Минјонг бил физички нападнат во Њујорк, од човек кој верувал дека го сретнал Ким Јонг-ун. Актерот тврди дека неговата популарност го привлекла и вниманието на севернокорејските разузнавачки служби, поради што размислувал да се откаже од имитациите. Згора, се појавија информации дека Северна Кореја ќе ги казни сите имитатори на нејзиниот лидер.

– Се додека се противам на политиката на Ким Јонг-ун и зборувам лоши работи за него, веројатно би можел да бидам киднапиран или убиен – смета Минјонг.

Минјонг Ким

Хауард, пак, не е загрижен за безбедноста, туку поради подготвеноста на неговиот колега да работи за помала тарифа. Хауард е незадоволен и бидејќи Минјонг премногу често се маскира во Ким Јонг-ун, при излегувањето во јавност.

– Кога и да излезам како Ким Јонг-ун, не ми е потребно ниту да носам паричник, поради популарноста. Сопствениците на баровите ми даваат бесплатни пијалоци и храна, ме честат и гостите, а влегувам и во најпознатите дискотеки без да чекам во редица – објаснува Минјонг.

Двоецот порачува дека нема наскоро да се откаже од имитациите поради добрата заработка и актуелноста на Ким Јонг-ун.