Кристофер Пламер почина на 91 година, а ова се факти поврзани со продукцијата на неговиот омилен филм

Првично немаше толку звучен наслов
Бродвејската верзија за „Звукот на музиката“ од 1959 година ја претставуваше последната соработка помеѓу Ричард Роџерс и Оскар Хамерштајн, генијалците во музичкиот театар што стојат зад американските класици како „Оклахома“, „Јужен Пацифик“ и „Кралот и јас“. Тие првично планирале да ја наречат својата музичка адаптација според мемоарите на Марија фон Трап, „Љубовна песна“, сè додека нивниот адвокат не истакнал дека тоа ќе биде кошмар кога станува збор за авторските права. На крајот, тие се решиле сепак насловот на филмот да биде „Звукот на музиката“.

Продукцијата беше сведок на сериозни несреќи
Неколку холивудски сцени се иконични. Таква е онаа со безгрижната Џули Ендрус како танцува на ливада додека ја пее „The Hills Are Alive With The Sound Of Music “. Сцената била повторувана многупати при снимањето. Била снимана од хеликоптер, кој постојано ја туркал актерката на земја.
– Во ред беше првите неколкупати, но потоа почна да ме нервира сето тоа – се присетува Џули во интервју за Американскиот филмски институт во 2009 година.

За малку ќе имало значително различна екипа
Покрај Ендрус, Холивуд ја имал предвид и Одри Хепберн за главната улога, како и Дорис Деј и Ен Банкрофт. Но кога студиото конечно ѝ ја понудило улогата на Џули Ендрус, таа за малку ќе ја одбиела, стравувајќи дека ликот ќе биде премногу сличен на оној што претходно го играла во „Мери Попинс“ (1964). За улогата на Кептан фон Трап, од друга страна, Кристофер Пламер ги победил Бинг Крозби, Рекс Херисон и Шон Конери. Додека Миа Фароу за малку ќе ја добиела улогата на Лисл.

Голем дел од заплетот, всушност, е измислен
Сценариото е изменето и не соодветствува на првичната приказна на Марија фон Трап. Австриското семејство навистина избегало од нацистите само со ранец, но нивното бегство вклучувало фаќање воз за Јужен Тирол во Италија наместо качување пеш преку Алпите во Швајцарија. Можеби најзначајното измислено украсување на филмот се 16-годишната Лисл и нејзиното момче, нацистот Ролф. Во реалноста, најстарото дете на Фон Трап бил синот по име Руперт, кој за време на снимањето на филмот имал 54 години и работел како лекар во Америка. За среќа, тој имал добра смисла за хумор, па кога обожавателите го прашувале како се вика, тој им одговарал: Лисл.

Отказ за лоша критика
Филмот „Звукот на музиката“ имал огромен комерцијален успех, голем број критичари што напишале негативни рецензии за филмот дури ги изгубиле своите работни места. Полин Каел, подоцна вработена во „Њујоркер“ и една од највлијателните филмски критичари во светот, за филмот напишала дека е „зашеќерена лага што луѓето сакаат да јадат“, а подоцна била отпуштена од списанието во кое работела.