Децата од селото Белица често нѐ посетуваат за да ја погалат прекрасната срничка, која е многу питома и сакана од сите што барем еднаш ја виделе, вели Кире Радески

Кога во тоа мајско претпладне минатата година, Кире Радески излегол во шумата да се прошета, не ни претпоставувал дека на 3 километри од родното село Белица, каде што живее, ќе сретне беспомошна срничка, стара околу две недели, оставена во планината од нејзината мајка, препуштена на суровите закони на природата. Одлучил да ја однесе дома и да ја спаси од најлошото.

– На една падина, во близината на Белица, здогледав беспомошна и недоволно нахранета срничка на возраст од околу 2 недели, која едвај стоеше на нозе. Најпрво бев во мала дилема дали да ја оставам во шумата, си мислев дека можеби ќе ја пронајде нејзината мајка, но се запрашав што ако во меѓувреме тука поминат кучиња или други животни и ја изедат. Затоа одлучив беспомошната срничка да ја земам со себе, да ја однесам дома, да ја нахранам и да ја негувам додека порасне. И така се случи, на срничката ѝ го дадовме името Бамби и оттогаш па досега, цели 8 месеци, почна секојдневната дружба со ова преубаво и мило суштество – раскажува Кире Радески за денот кога го пронашол во шумата беспомошното срнче.

Денеска животинчето е дел од неговото семејство.

– За да не се чувствува осамена срничката и во ноќните часови се наоѓаше во нашата близина и спиеше во истата соба со нас, а ние од првиот ден, заедно со сопругата, почнавме да ѝ приготвуваме разновидна храна од банани, портокали, житарки и задолжително ѝ дававме млеко со цуцла. Толку многу се зближи со нас, што сметам дека повеќе сама не можеше да живее и сега цело време се чувствува како да е тука родена. Од денот кога ја пронајдов срничката, таа брзо порасна и денес има околу 13-14 килограми. Бидејќи е доста порасната ние ѝ подготвивме посебна просторија за ноќевање, а во текот на денот е постојано со нас, дали низ куќата или во предворјето, а храната ја консумира од рака – вели тој.

Но освен Бамби, во домот на Кире има и други животни.

– Покрај срничката имаме уште и две мачки и едно куче и сега сите животини живеат во една симбиоза, како да се од еден род. Децата од селото често нѐ посетуваат да ја погалат прекрасната срничка, која е многу питома и сакана од сите што барем еднаш ја виделе. Драго ми што благодарение на мојот и ангажманот на мојата сопруга Бамби стана наше домашно милениче – ни рече на крајот Кире.