Уништувањето на живеалиштата, ловот, климатските промени и населувањето на нови инвазивни видови го загрозуваат преживувањето на сѐ поголем број животни и растенија. Црвената листа на загрозени видови вклучува 128.918 вида животни и растенија, а 35.765 се во опасност од истребување, објави Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН).
Дури 31 вид исчезнуваат, а забележано е дека на сите светски видови слатководни делфини сега им се заканува истребување. Многу растителни и животински видови, како што се оревите макадамија, во моментов се загрозени поради неможноста да се приспособат на климатските промени. Покрај тоа, дури третина од видовите даб, 113 од 430, се загрозени. Исто така, од 17 вида слатководни риби ендемични на езерото Ланао на Филипините, дури 15 вида се изумрени, додека два вида се критично загрозени. Нивното истребување е предизвикано од предаторски видови за кои служат како храна, но и од прекумерен риболов и деструктивни методи што се користат. Покрај споменатите видови, три вида жаби од Централна Америка се прогласени за исчезнати, додека голем број растенија спаѓаат во категоријата ранливи, загрозени или критички загрозени.
Сепак, како резултат на долгорочните напори за зачувување, одредени видови успеаја да преживеат. Дивата популација на европски бизони порасна од околу 1.800 во 2003 година на над 6.200 во 2019 година, преминувајќи од загрозен вид во категорија помалку изложена на ризик.
– Европските бизони и 25 други обновени видови запишани во последното ажурирање на Црвената листа на ИУЦН покажуваат раст во зачувувањето – вели генералниот директор на ИУЦН, Бруно Оберле, додавајќи дека растечката листа на изумрени видови е потсетување дека напорите за зачувување мора итно да се зголемат.