Светот го направивме по наша мера, така што сега го имаме она што го сакавме – валкан и одвратен свет што секојдневно станува сѐ полош и повалкан.
Имено, изложеноста на загадување на воздухот е поврзана со посиромашно ментално здравје и влошување на менталните болести, според новото истражување. Студијата, која опфати 13.000 лица во Лондон, покажа дека само кратка изложеност на азот диоксид доведува до зголемување на ризикот од потреба од третман за 32 проценти и зголемување на ризикот за прием во болница за 18 проценти.
Научниците велат дека резултатите може да се генерализираат за повеќето градови во развиените земји, а намалувањето на загадувањето на воздухот може да биде од корист за милиони луѓе, пишува „Гардијан“.
– Подобрувањето на воздухот е лесно и релативно брзо остварливо и се знае дека постојат интервенции што можат да се користат, како што се проширување на зони со ниски емисии. Интервенциите за подобрување на менталното здравје се случуваат на индивидуално ниво и се всушност доста тешки – вели Џоан Њубери од универзитетот „Бристол“, кој е дел од тимот научници.
Студијата ја користела фреквенцијата на приеми во болница или посети на лекар. Научниците пресметале дека минималното намалување на само еден загадувач во голема мера може да влијае и на здравствениот систем да му заштеди десетици милиони годишно.
– Нивото на загадување на воздухот во Лондон опадна во последниве години, но сѐ уште не е на безбедно ниво – вели Јоанис Баколис, водач на истражувањето.