Научните истражувања на Природонаучниот музеј во Виена покажаа дека праисториските ајкули биле погодени од климатските промени.
Пред 325 милиони години, праисториските ајкули пливале во областа на денешните Карнски Алпи. Помеѓу 1989 и 2015 година, колекционерите на фосили ги пронашле забите на најстарите ајкули во Австрија, се вели во истражувањето објавено во професионалното списание „Џрнал оф вертебрет пелеонтолоџи“.
Поместувањето на континентите не само што создало планински венци туку тоа имало и големо влијание врз морската фауна. Кога суперконтинентите Евроазија и Гондвана почнале да се судираат, во близината на екваторот помеѓу копнените маси се формирал тропски крајбрежен појас.
Тоа било живеалиште на најстарите ајкули во Австрија, чии геолошки остатоци денес се наоѓаат на Карнските Алпи. Научните анализи на остатоците покажале дека климатските промени довеле до првото масовно истребување меѓу праисториските ајкули.
Периодот на карбон, пред 360 милиони години, бил обележан со драстични климатски промени. На половите постојано се формирале ледените површини, а нивото на морето драстично се намалувало. Непосредно пред првата голема глацијација, климатските промени довеле до масовно истребување на праисториските ајкули.
По кратка фаза на закрепнување, следувал друг бран на истребување. Топењето на мразот по периодот на замрзнувањето предизвикало создавање нови живеалишта во кои живееле слатководни ајкули.
– Ајкулите што живееле во морињата полека закрепнувале, додека слатководните ајкули во реките и во езерата на континентите брзо се размножувале и ја зголемувале разновидноста – објаснува Ирис Фејтингер, од Природонаучниот музеј во Виена.