И мало намалување на глобалната потрошувачка на месо може да има големи бенефиции за климата и за здравјето

Здрава планета, здрави луѓе

Само затоа што САД повторно се приклучија на Парискиот договор, не значи дека светот е на пат кон подобра климатска иднина. Договорот од 2015 година, во кој потписниците ветија дека колективно ќе го ограничат глобалното затоплување на „далеку под“ 2 Целзиусови степени е само првиот чекор. Нациите членки сѐ уште треба да ги усвојат амбициозните планови за намалување на емисиите на јаглерод, познати како Национално утврдени прилози (НДЦ), а со сегашното ниво, светот е на пат кон глобален пораст на температурата за повеќе од 2,5 Целзиусови степени.

Годишно може да се спасат милиони животи

Сепак, студијата објавена во специјалното издание на списанието „Лансет планетари хелт“ може да се покаже само како поттик за неволните влади да го забрзаат темпото за намалување на емисиите. Новото истражување од „Лансет каунтдаун он хелт енд клајмат чеинџ“ покажува дека милиони животи може да се спасуваат годишно до 2040 година, доколку земјите ги зголемат своите климатски амбиции да ги исполнат целите на Парискиот договор.
Со усвојување на климатските планови во Париз му се стави приоритет на здравјето, деветте држави наведени во истражувањето (Бразил, Кина, Германија, Индија, Индонезија, Нигерија, Јужна Африка, Велика Британија и САД) би можеле секоја година да спасат 6,4 милиони животи со подобар начин на исхрана, 1,6 милион животи со почист воздух и 2,1 милиони животи со зголемено вежбање.
Овие девет нации се дом на половина од светската популација и 70 отсто од светските емисии може да направат огромна разлика, како за светот, така и за нивното население.
– Нашиот извештај се фокусира на клучниот, но честопати занемарен стимул за справување со климатските промени. Не само што придржувањето до париските начела спречува милиони предвреме да умираат секоја година туку и квалитетот на животот на милиони луѓе ќе се подобри преку подобро здравје – вели главниот автор Јан Хамилтон, извршен директор на „Лансет каунтдаун он хелт енд климат чеинџ“.
Истражувањето ги разгледува емисиите генерирани од енергетскиот сектор, земјоделството и транспортниот сектор, заедно со годишните смртни случаи што им се припишуваат на загадувањето на воздухот, факторите на ризик поврзани со диетата и физичката неактивност.

Намалување на глобалната потрошувачка на месо

„Основното“ сценарио ги користи тековните обврски на НДЦ. Сценариото за „одржливи патишта“ вклучува политика на НДЦ во согласност со Парискиот договор, а третото сценарио „здравје во сите климатски политики“ вклучува експлицитни здравствени цели. Дури и сценариото од Парискиот договор покажува значително зголемување на квалитетот на животот, со 5,8 милиони животи годишно спасени преку подобар начин на исхрана, 1,2 милиони животи преку почист воздух и 1,2 милион животи поради зголемено вежбање.
Подобриот начин на исхрана, преку зголемена потрошувачка на овошје, зеленчук и мешунки и намалување на црвеното месо и преработената храна, е добар и за здравјето на луѓето, но и за планетата. Само индустриското производство на месо и млечни производи претставува 14,5 отсто од глобалните емисии на јаглерод, според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Дури и мало намалување на глобалната потрошувачка на месо може да има големи бенефиции за климата и здравјето.

Наодите од студијата доаѓаат во витален момент. Нациите потписнички на Парискиот договор имаат само неколку месеци пред состанокот во ноември во Глазгов да ги ажурираат и ревидираат своите ветувања.
– Откритијата од извештајот обезбедуваат важен понатамошен стимул не само за светските лидери да ги исполнат своите климатски обврски туку и да ги усогласат еколошките и здравствените цели во плановите за закрепнување од ковид-19. Поздравата популација ќе се покаже како поотпорна на идните здравствени шокови – вели Маргарет Чан, поранешен генерален директор на Светската здравствена организација.