Милорад Цаиќ-Цајо, менаџер и организатор на разни забави и манифестации, лик без кој не можеше да се замисли ноќниот живот на Скопје во 1980-тите и 1990-тите години, вечерва во ВИП-арената „Борис Трајковски“, заедно со својот тим приредува забава, насловена според познатиот хит на групата „Алфавил“, „Forever Young“. Повод за оваа средба за паметење на, како што вели Цајо, сите што се чувствуваат младо и што биле дел од скопските дисковечери е одбележувањето половина век од отворањето на првата дискотека во метрополата, „Технометал“, во далечната 1969 година.

– Сѐ додека во срцето се чувствуваме младо нема да остариме. А сите што ќе дојдат на забавата ќе можат да уживаат во многуте хитови на кои ќе се навратиме од 1970-тите, 1980-тите и 1990-тите години, кои оставија трајна вредност во музиката и станаа евергрини. Почетокот е во 21 часот, а за добрата забава ќе се погрижат диџеите: Вера Јанковиќ, Баџо, Цена, Ерик Фокс, Струја, Бабура Јуниор и диџеј Дајнамајт. Гости ќе бидат и многу познати музички имиња, а ќе има и други изненадувања – најавува Милорад Цаиќ-Цајо.

Организаторите им поделија и плакети за трајни вредности на диџеите што оставија траги и му дадоа белег на дискоживотот во Скопје и Македонија. Награди добија: Васја Иваноски – диско „Технометал“, Михаил Бошковски-Мице – „Мусандра“, Драган Б. Костиќ – диско „Турист“, Сашо Јордановски – „Огниште“, Богдан Стојановски (Боби Латино) – дискотека „Панорама“, Ванчо Иванов (диџеј Главче) – дискотека „Таверна“. За жал, повеќето од објективни причини не присуствуваа на настанот, па наградите им беа врачени на нивни блиски роднини и пријатели.

– Овие шест диџеи направија трансверзала во животите на сите нас во овие изминати 50 години. Нивната креативност и напори да дојдат до актуелните винили и плочи, за да бидеме во тек со сѐ што се случува на светската музичка сцена, се за восхит. Тие направија да се чувствуваме вечно млади – вели Цајо.

Заблагодарувајќи се на наградата, Драган Б. Костиќ вели дека долго чекал некој да се сети дека наградите не се само за политичари и за спортисти.

– Човек не добива често вакви награди. Постојат луѓе што го потрошија животот, за со својот авторитет, знаење и љубов да ги збогатат многубројните генерации во изминатите децении. И да ги едуцираат информираат и забавуваат, исто така. Среќен сум што сум еден од нив – вели Костиќ.

Сашо Јорданоски, диџеј Сашо, заблагодарувајќи се на признанието посака Цајо да организира и во иднина вакви ретро-забави и оти е вистинска штета што нема повеќе вакви ентузијасти како него.