Некои кучиња се попаметни од другите

Повеќето кучиња не учат зборови без интензивно тренирање, но тим научници откриле дека некои кучиња имаат „исклучителни способности“.
Научниците од универзитетот „Етвес Лоранд“ во Будимпешта проучувале две надарени кучиња, едно од расата бордер коли, а другото јоркширски териер и ја тестирале нивната способност да научат нови зборови откако ги слушнале само четири пати.
– Сакавме да откриеме под кои услови надарените кучиња можат да научат нови зборови. За да го тестираме ова, ги изложивме кучињата на нови зборови во два различни услови – вели Клаудија Фугаза, авторка на студијата и научничка на Одделот за етологија.
Едното сценарио вклучувало задачи што барале елиминација при изборот, а другото било во рамките на социјален, разигран контекст со сопствениците.
– И во двата случаја, кучињата го слушнаа името на играчката само четири пати – вели Фугаза.
Им биле понудени седум стари играчки и една нова и кучињата можеле да изберат нова играчка кога ќе им го кажале нејзиното име. Научниците забележале дека и двете кучиња биле во можност да ги идентификуваат и донесат новоименуваните играчки откако само четири пати во играта го слушнале новото име од нивните сопственици.
– Се чини дека ваквото брзо учење е слично на начинот на кој децата го усвојуваат вокабуларот на возраст од две до три години – вели Адам Миклоси, раководител на Одделот за етологија и коавтор на студијата.
Но не сите кучиња учат нови зборови на тој начин. Во студија во која биле вклучени 20 други кучиња, истражувачите откриле дека никое од нив не ги научило имињата на новите играчки. Затоа било заклучено дека без формална обука, можноста за брзо учење зборови е многу ретка и единствена за многу надарените кучиња.