Кинеско истражување: Мачките најподложни на корона

Истражување спроведено од научници од Кинескиот институт за ветеринарно истражување во Харбин, Кина, покажа дека мачките се подложни на ковид-19 и може да се заразат едни со други, но не е утврдено дали тие можат да ги заразат и луѓето.
– Откривме дека САРС-КоВ-2 слабо се пренесува на кучиња, свињи, кокошки и патки, а многу почесто на ласици и мачки. Исто така, откривме дека вирусот се пренесува на мачки по воздушен пат – се вели во студијата.

Истовремено, други научници, чие мислење беше објавено од списанието „Нејчр“, резултатите од истражувањето на кинеските експерти ги сметаат за мошне интригантни, но ги советуваат сопствениците на мачки да не се грижат.
– Резултатите се засноваат на лабораториски експерименти, во кои на мал број животни им биле давани високи дози од вирусот САРС-КоВ-2, и тие не покажале реална врска помеѓу луѓето и нивните миленици – вели познатиот вирусолог Линда Саиф од Државниот универзитет во Охајо.