Дали и миленичињата треба да се вакцинираат против ковид-19?

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот се води дебата за тоа дали и домашните миленичиња се ризична група што може да го пренесе вирусот и да заболат од ковид-19. Досега научниците го идентификуваа вирусот кај некои животни во зоолошките градини во светот. Забележана е инфекција кај тигри и шимпанза, но се кршат копја за тоа дали и кучињата и мачките се потенцијален проблем. Група научници од повеќе универзитети сега дебатираат за тоа дали кучињата и мачките, исто како и луѓето, можеби ќе треба да се вакцинираат против коронавирус во иднина.
Тие посочуваат дека пренесувањето на вирусот од животни на луѓе е „значаен долгорочен ризик“, бидејќи може да доведе до мутации на вирусот и да ги направи локалните вакцини неефикасни, пишува „Дејли мејл“.

Научниците од Универзитетот во Источна Англија, институтот „Ерлхам“ во Норич и Универзитетот во Минесота предупредија дека вакцинирањето на миленичињата може да биде клучно за спречување на пандемијата.
– Се чини логично да се развие вакцина за домашните миленичиња. Навистина мора да бидеме подготвени за можноста тие да заболат – посочи Кок ван Остерхут, еден од авторите на стручната статија во списанието „Вируленс“, и додаде дека Русите веќе работат на такви вакцина.
Вакцинацијата на домашните животни може да е клучот за запирање на развојот на вируси и пандемиите што се повторуваат, забележуваат авторите на статијата.