Мачките и кучињата не можат да им го пренесат коронавирусот на луѓето, но може да бидат тестирани позитивно доколку се заразени од нивните сопственици. Ова е заклучокот на Одделението за земјоделство, риболов и заштита на Хонгконг откако било направено тестирање врз едно куче што е во карантин, при што резултатот покажал дека е „малку позитивно“ на вирусот. Портпаролот на одделот изјави дека нема докази дека миленичињата може да бидат извор на заразата ковид-19 и дека не може да се разболат. Научниците се сомневаат дека вирусот познат како САРС-КОВ-2 што предизвикува болест настанал кај лилјаците пред да се пренесе на други видови, и тоа веројатно кај мали диви цицачи што им го пренеле на луѓето.

Сепак, експертите од повеќе универзитети се согласуваат дека кај тестираното куче се открило ниско ниво на инфекција, па веројатно е дека вирусот е пренесен од човек на животно. Одделението во Хонгконг предложи сите домашни миленици од домаќинство каде што има некој заразен од вирусот да бидат ставени во карантин. Сопствениците на миленичиња треба да одржуваат добра хигиена, што подразбира миење на рацете пред и по допирањето на животните и нивната храна, како и забрана за бакнување со нив. Заразените треба да избегнуваат контакт со домашните миленици, а ако детектираат какви било промени во нивната здравствена состојба, треба веднаш да го известат ветеринарот.

Покрај одржувањето на хигиената, на сопствениците на миленичиња им се советува да не бидат претерано загрижени и да не ги напуштаат.