Актерот Жерар Депардје премина во православна вера. Церемонијата на крштевањето се одржало во руската црква Александар Невски во Париз, пренесува РИА Новости.

Преставниците на православниот храм во Париз ја потврдиле информацијата и одговориле дека церемонијата се случила во петокот вечерта, но други детали не сакале да откријат, освен дека на чинот на кршевањето присуствувале блиски пријатели на Депардје.

Од црквата, исто така, не сакале да откријат и кое име го земал Депардје при крштевањето.

– Тоа беше неочекуван, но многу пријатен настан – пренесува агенцијата ТАСС.

Исто така е објавено дека на истиот ден Депардје станал и кум на девојче што било крстено истиот ден.

Депардје од 2013 година покрај француско има и руско државјанство. Славниот француски актер ја напушти татковината и се пресели во Русија, откако социјалистичката влада на тогашниот француски претседател Франсоа Оланд наметна зголемени даноци за богатите.