Фобиите се стручно име за сите видови неоправдани и претерани стравови што ги мачат луѓето. Всушност, нема таканаречени феномени, работи или мисли што не можат да станат извор за најголем страв кај некоја личност. Речиси секоја десетта возрасна личност се соочува со ваков вид непријатност, покажува истражувањето направено од американскиот Национален институт за ментално здравје.

За борба против фобиите, некои лекари препорачуваат техники за релаксација на мускулите за справување со стравот, други, пак, препишуваат антидепресиви, а има и такви што користат неинвазивни методи на психотерапија за да ги избришат трауматичните сеќавања, од каде што потекнува фобијата.

Сепак, повеќето психолози се согласуваат дека најсигурна терапија е соочувањето со самиот страв. Сите истражувања и метаанализи покажале дека когнитивно-бихевиоралната терапија е метод на избор за лекување фобии. Постојат различни начини, главно, терапија со изложеност, а помага и психоедукацијата.

Како што се развиваат општеството, технологијата и личните стандарди, така се размножуваат и предметите на фобија – како што стручно се нарекува таквиот страв, наспроти природниот, вроден страв од опасни ситуации, кои им помогнале на луѓето со милениуми да преживеат. Според мини-анкетата, која ја спроведовме, може да се каже дека она од што најмногу се плашат жените се змии, инсекти, височина, затворени простории, осаменост, загуба на некој близок, а додека најчестите стравови што ги наведуваат мажите се оние од пајаци, лет со авион, лифтови, стоматолог, бактерии, болести.

Арахнофобија – страв од пајаци
Специфичната фобија, која опфаќа страв од пајаци, е широко распространета, погодувајќи дури 50 отсто од женската и 10 отсто од машката популација. Лицата со арахнофобија се чувствуваат непријатно на места на кои веруваат дека има пајаци или кога во нивната близина има пајажини.

Акрофобија (вертигофобија) – страв од висина
Екстремниот и ирационален страв од висина е особено честа појава. Околу 2 до 5 отсто од луѓето страдаат од акрофобија, а повеќето од нив се припаднички на понежниот пол.

Аерофобија – страв од летање
Патувањето со авион воопшто не е привлечна идеја за луѓето што ја имаат развиено оваа фобија. Паничните напади може да се јават при самото полетување или приземјување на авионот, како и при турбулентни летови.

Клаустрофобија – страв од затворени мали простории
Чувството на заробеност во затворени простории може да биде застрашувачко и исцрпувачко за клаустрофобичните луѓе. Се избегнуваат лифтови, тесни ходници и соби без прозорци.

Некрофобија – страв поврзан со смрт
Мртовци, мртовечки ковчези, надгробни споменици, погреби и сè што е поврзано со смртта се предмет на некрофобијата.