Владата на Саудиска Арабија денеска соопшти дека жените од оваа земја ќе можат да возат автомобили од 24 јуни.

– Исполнети се сите услови за да можат жените да возат – рече генералот Мохамед ал-Басами, директор на отсекот за сообраќај во Министерството за внатрешни работи.

Тој наведе дека кралскиот декрет со кој на жените им се дозволува да возат стапува на сила на 24 јуни.

– Жените постари од 18 години ќе мораат да положат возачки испит – рече Басами.

Авто школи за жени се отворени во пет најголеми градови во кралството. Саудијките кои имаат странски возачки дозволи ќе можат да ги заменат со саудиски документи.

Кралот Салман во септември минатата година одлучи да ја укине забраната на Саудијките да возат, во рамки на реформската политика што ја води престолонаследникот Мохамед бин Салман.

Саудиска Арабија е единствената земја во светот во која жените немаат право да управуваат возило.