Дваесет и петгодишната Халима Киси од Мали родила девет бебиња, две повеќе отколку што лекарите претходно востановиле со ултразвук. Киси родила пет девојчиња и четири момчиња во болница во Казабланка, во Мароко, каде што властите на Мали ја испратиле заради поголема здравствена грижа за неа и за бебињата.
И мајката и бебињата се чувствуваат добро, потврди министерот за здравство на Мали, Фанта Сиби.
Директорот на болницата во Казабланка каде што се породи родилката, Јусеф Алауи, соопшти дека породувањето било предвремено, по 30-та недела и дека мајката сега е стабилна, по силното крвавење, поради што примила и трансфузија на крв.
Алауи за државната телевизија на Мароко изјави дека лекарите од Мали контактирале со него во врска со овој случај уште пред еден и пол месец, бидејќи оваа африканска држава не можела да обезбеди соодветен третман за оваа комплицирана бременост. Тој додал дека тие очекувале седум бебиња, а не девет.
Гинисовата книга на рекорди потврди дека се проверува овој настан во Мароко, кој најверојатно ќе биде прогласен за нов рекорд на родени деца на една трудница. Во моментот рекордот го држи Американската Наѓа Сулеман, која во 2009 година предвреме роди осум здрави деца.