Трилерот „Жената на прозорецот“, адаптација на истоимениот роман на Еј Џеј Фин, требаше да излезе на 4 октомври 2019 година. Датумот на премиерата беше одложен за 15 мај следната 2020 година, а сите знаеме зошто ни тогаш не се појави во кината.
Во меѓувреме, „Нетфликс“ ги купи правата на овој филм со Ејми Адамс во главната улога, па конечно ќе имаме шанса да ја гледаме „Жената на прозорецот“ преку популарниот стриминг-сервис на 14 мај.
Во филмската адаптација на Џо Рајт за овој бестселер, Ејми Адамс ја игра улогата на детскиот психолог д-р Ана Фокс. Таа страда од агорафобија, страв од отворен простор, поради што деновите ги минува заклучена во својот дом, од каде што го набљудува светот околу себе. Кога семејството Расел ќе се пресели во зградата спроти неа, Ана почнува од својот прозорец да го следи секој чекор на неговите членови. Таа се запознава со младиот Итан Расел (Фред Хачингер) и со неговата мајка Џејн (Џулиен Мур), со кои станува добра пријателка, а подоцна дознава дека двајцата биле малтретирани од таткото на Итан, Алистер (Гери Олдман).
Еден ден, таа ќе слушне крик од станот на семејството Расел и од нејзиниот прозорец ќе види извршување на злосторство. Меѓутоа, кога полицијата ќе го испита овој случај, ќе се покаже дека наводното злосторство воопшто не се случило, дека сето тоа е плод на имагинацијата на Ана. Дали таа навистина го изгубила разумот или е жртва на голем заговор?
Одговорот на прашањето ќе мора да го почекаме до 14 мај, кога филмот ќе биде достапен на „Нетфликс“.