Жан Мишел Жар, еден од пионерите на електронската музика, ќе одржи новогодишен концерт во 3Д дигитална реплика на Богородичната црква во Париз. Концертот ќе биде изведен со помош на градот Париз и француската компанија за виртуелна реалност „Врум“, и со поддршка од УНИЦЕФ.

– Виртуелната реалност за уметниците денес е она што во минатото било киното, со своите почетоци за театарот. Верувам дека таа во иднина ќе стане вообичаен начин на изразување – изјавил Жар.

Насловен „Добредојдовте на другата страна“, ексклузивниот настап на Жар ќе почне во 23.25 часот на 31 декември и ќе трае 45 минути. Тој ќе настапува во живо во студио во близина на париската катедрала, додека неговиот аватар ќе се наоѓа во виртуелна верзија на Богородичната црква. Концертот ќе се пренесува на социјалните мрежи преку профилите на Жар, а оние кои сакаат уште посилно визуелно доживување, ќе треба да се приклучат на платформата „ВРЧат“.