Продукциската куќа Еј-би-си е во преговори за спиноф-продолжението на прекинатата телевизиска серија „Розен“, но без главната ѕвезда Розен Бар. Серијата ќе има најмалку уште една сезона, со голем дел од актерската постава од претходните, пишува „Холивуд рипортер“.
Во спиноф-приказната, централен лик ќе биде оној на Сара Гилберт – Дарлин, ќерката на главниот и насловен лик во „Розен“.
Претходно, Еј-би-си ја откажа ТВ-серијата „Розен“, откако Розен Бар на Твитер ја навреди Валери Џерет – една од најблиските соработнички на поранешниот американски претседател Барак Обама. Имено, таа напиша дека Џерет изгледа на мешавина од Муслиманското братство и од „Планетата на мајмуните“. Овој коментар беше оценет како расистички, имајќи предвид дека Џерет е половина Афроамериканка.
По контроверзната објава, и продукциската куќа и застапничката агенција на Розен ја прекинаа соработката со неа.