Шведскиот моден бренд за облека „Ејч енд ем“ доби парична казна во износ од 35,3 милиони евра, поради нелегален надзор на вработените и собирање податоци за приватниот живот на своите вработени, стои во соопштението на германските власти за заштита на податоците, пренесува „Дојче веле“. Незаконското следење се случило во сервисен центар во баварскиот град Нирнберг.

Според изјавата на Јоханес Каспар, претставникот на хамбуршката Комисија за заштита на податоците и слобода на информирањето, најверојатно од 2014 година менаџментот на „Ејч енд ем“ во Нирнберг започнал да ги следи и собра големо количество податоци за приватните животи на вработените, како што се здравствените дијагнози, семејните проблеми и религиските убедувања.

Податоците од надзорот биле снимани и дигитално складирани во систем достапен на уште најмалку 50 други менаџери во компанијата.

Од „Ејч енд ем“ изјавиле дека „инцидентот открил практики на обработување на приватните податоци на вработените, кои не биле во согласност со политиката за работење и инструкциите на компанијата“.

Компанијата во своето соопштение вели дека „презема целосна одговорност и безрезервно им се извининува на вработените во сервисниот центар во Нирнберг“.

Ова е највисока казна за ваквите прекршувања во Германија од стапувањето на сила на законот заштита на податоците во Европската Унија во 2018 година, а втора по износот од ваков вид во ЕУ, откако минатата година француските регулатори го казнија „Гугл“ со 50 милиони евра за кршење на истиот закон.