На страниците на светската историја овој египетски фараон останува запаметен поради идеолошката дејност. Имено, во текот на неколку години извршил величествена револуција во полето на религијата, етиката, уметноста и светогледот. Еврејскиот монотеизам содржи голем дел од компонентите на учењето на Ехнатон. Зачувани се молитви и химни што говорат за постоењето на единствениот бог Атон. Овој бог бил бог на мирот, а не на војната и бил лишен од сите човекови страсти

Ехнатон – фараонот еретик

Ехнатон е роден во 1397 година пред нашата ера, а неговиот татко бил фараонот Аменхотем Четврти, владетел на Стариот Египет од осумнаесеттата династија. Ехнатон е најмистериозната личност во целата историја на Египет, но и во целата историја на човештвото. Фараон станал по смртта на неговиот татко и, за разлика од неговите претходници, не се истакнувал како освојувач и воинствен владетел. Еден дел од истражувачите велат дека Ехнатон не бил мудар фараон и неговото владеење го оценуваат како пасивно, поради што Египет како најмоќната држава на Блискиот Исток пропаднала.
Но ова е само еден сегмент од владеењето на Ехнатон. На страниците на светската историја, овој египетски фараон останува запаметен поради идеолошката дејност. Имено, во текот на неколку години извршил величествена револуција во полето на религијата, етиката, уметноста и светогледот. Оценувајќи ја неговата дејност во овој сегмент, истражувачите велат дека Ехнатон бил далеку пред своето време и тогашните општествени вредности и норми.
Пред владеењето на овој фараон, моќта на владетелот се изразувала преку поврзување со богот Амон, кој бил врховно божество во Египет. Не случајно, првото име на Ехнатон, како и на неговиот татко, било Аменхотем (Амон е задоволен). Култот на Амон бил многу влијателен во египетското општество, меѓутоа Ехнатон ја прекинал оваа традиција.
Сосема неочекувано за многумина, овој фараон ги затворил религиските храмови на Амон, како и на другите египетски божества и прогласил дека постои само еден бог, а тоа е Атон (сончевиот диск). Следствено и го променил своето име од Аменхотем во Ехнатон. Но тука не запрел. Ја напуштил престолнината Теба и изградил сосема нов град под името Амарна. Новиот град станал религиски и културен центар на новиот култ кон Атон.

Еден дел од истражувачите верува дека еврејскиот монотеизам содржи голем дел од компонентите на учењето на Ехнатон. Зачувани се молитви и химни што говорат за постоењето на единствениот бог Атон. Овој бог бил бог на мирот, а не на војната и бил лишен од сите човекови страсти. Атон не бил претставуван во физичка форма, туку како сончев диск. Секое физичко претставување на Атон било забрането, слично како законот на Мојсеј.
Религиозната и културна револуција на Ехнатон била краткотрајна. По неговата смрт, Амарна била напуштена и свештениците на култот на Амон го уништиле целосно новото религиозно учење. Омразата кон Ехнатон била толку голема што Амоновите свештеници се обиделе да ги уништат сите физички претстави на фараонот Ехнатон и божеството Атон. Неговите бисти биле физички уништувани, а неговото име било бришено од натписите. Сите храмови на Атон биле затворени и разрушени. Истражувањата покажаа дека мумијата на Ехнатон исто така била осквернавена.