Актерката и пејачка Зендаја ја игра главната улога во серијата „Еуфорија“, која ќе се емитува секој понеделник во 21 часот на Ејч-би-о, а сите епизоди ќе бидат достапни и на Ејч-би-о гоу.

– Драмската серија „Еуфорија“ дава нов поглед на наративот за созревањето, истражувајќи го тинејџерскиот свет полн со забава. Серијата ни ја прикажува 17-годишната Ру Бенет (Зендаја), наркоманка излезена од лекување, која се обидува да открие што да прави со својата иднина. Нејзиниот живот драматично се менува кога го запознава трансвеститот Џулс Вон, кој се преселил во градот по разводот на неговите родители и исто како и Ру, го бара своето место во светот. Во светот на Ру се и нејзините соученици Нејт Џејкобсон, кој ја прикрива својата сексуална несигурност, Меди Перез, повремената девојка на Нејт, Крис Мекеј, фудбалската ѕвезда што има тешкотии во приспособувањето на факултет, Кејси Хауард, чија сексуална историја продолжува да ѝ создава проблеми, Лекси Хауард, помладата сестра на Кејси и пријателка од детството на Ру, како и Кет Хернандез, тинејџерка што ја истражува својата сексуалност – информираат од Ејч-би-о.

Покрај Зендаја, во серијата настапуваат и Мод Апатоу, Ангус Клауд, Ерик Дејн, Алекса Деми, Џејкоб Елорди, Барби Ферера, Ника Кинг, Сторм Рид, Хантер Шејфер, Алџи Смит и Сидни Свини.

Автор на серијата и сценарист на сите епизоди е Сем Левинсон, која е и извршна продуцентка. Меѓу извршните продуценти се и раперот Дрејк, Фјучер да Принс, Рави Нандан, Кевин Турен, Хадас Мозес Лихтенштајн, Рон Лешем, Дафна Левин, Тмира Јардени, Мирит Туви, Јорам Мокади, Гери Ленон и Џим Клевервајс, како и консултантите Скот Тарнер Шофилд и Џереми О. Харис. Серијата е снимена во партнерството со А24, а се базира на истоимената израелска серија, која ја креирале Рон Лешем и Дафна Левин.