Координативното тело на шест сродни музички здруженија: „Музика сега“,, Здружението на естрадните уметници од Скопје, Охридскиот музички еснаф, „Естрада“ од Битола, „Естрада“ од Струмица и Сојузот на професионални музичари од Скопје, кои имаат потпишано меморандум за соработка, реагира по повод јавниот повик на Владата за шестиот пакет мерки. Особено ги иритира мерката бр. 4 каде што се опфатени музичарите и доделувањето финансиска поддршка. Тие најавуваат низа мерки за да го искажат јавно своето незадоволство од третманот на државата кон нив, во овие тешки услови, предизвикани од пандемијата.
На вчерашната прес-конференција што се одржа пред Младинскиот културен центар беа обелоденети и објавени нивните следни чекори: најава за мирен протест и изразување незадоволство од овој јавен повик.
– Бараме менување на критериумите на конкурсот сѐ до исполнување на нашите разумни барања, кои се рефлексија на фактот дека единствено ние како фела сме со забрана на дејност од почетокот на оваа пандемија и дека оваа ситуација е веќе тотално неиздржлива – реагираат естрадните уметници.