Естонската технолошка компанија „Респирај“ промовираше преносен пречистувач на воздух за кој тврди дека уништува повеќе од 99 отсто од вирусите и бактериите користејќи ултравиолетова светлина.

Компанијата наведува дека уредот е развиен во соработка со универзитети во Естонија и Полска и дека е поддржан од естонското Министерство за образование, кое има намера да го дистрибуира до училиштата, пишува „Ројтерс“.

Индрек Реиманд од Министерството за образование рече дека „Респирај“ смета дека тоа е дополнителен елемент во борбата против ковид-19, покрај вакцините, лековите и мерките за дистанцирање.

– Нема волшебно стапче против вирусот, но комбинација од неколку фактори може да помогне во борбата против пандемијата – рече Реиманд.

Уредот се состои од пластична кутија што се носи околу вратот. Се напојува од батерија која трае околу осум часа.

Воздухот прво поминува низ филтер за вшмукување, кој отстранува прашина и поголеми честички, а потоа тече низ УВ-Ц ЛЕД модул. Откако модулот ги уништува вирусите и бактериите, воздухот стигнува до лицето на корисникот.

Малопродажната цена на овој уред е 279 евра, а испораките треба да почнат во март.