Воздушниот гигант „Ербас“ тестира авион на соларна енергија, за кој се надева дека ќе им донесе интернет на неколку милијарди луѓе низ целиот свет каде што нема интернет-врска.
Компанијата објави дека нејзиниот „зефир“, кој потсетува на едрилица без екипаж, наскоро би можел да помине шест месеци во воздух.
Производителот на авиони веќе ги изведе своите први пробни летови во цивилен воздушен простор, останувајќи вкупно 36 дена во воздух на само два лета. Кога е во воздух, „зефир“ лебди во стратосферата – лета над авиони и под сателити. Неговата цена е многу поевтина од сателитите, поеколошки е, бидејќи работи на сончева енергија и полесен е за управување бидејќи може да слета и да се пренамени за друга мисија.
– Осумнаесетдневните летови се само почеток. Имаме амбиции „зефир“ во воздух да остане до шест месеци. Нашите батерии функционираат исклучително добро и мислам дека сме уверени дека ќе достигнеме три месеци, а би рекла и дека и шестмесечното патување со овој авион не би било проблем – изјави Јана Розенман, раководителка на воздушните беспилотни системи во „Ербас“.
Таа додаде дека сѐ уште не го докажале тоа оперативно, но сите чекори што ги направиле со лабораториските тестови јасно им укажуваат дека се на многу добар пат и дека „зефир“ има огромен потенцијал да допре до населените места каде што конекцијата не може да се постигне со широкопојасните кабли со оптички влакна.
Според податоците на УНИЦЕФ од 2020 година, две третини од училишните деца во светот и околу 1,3 милијарда луѓе немаат интернет-конекции во своите домови. Ова ги спречува да се натпреваруваат во модерната економија и ги изолира од светот – предупредија од УНИЦЕФ.
Соларниот авион на „Ербас“ може да се користи и за воени цели, така што вториот од двата лета бил изведен за потребите на британското министерство за одбрана. Компанијата, исто така, размислува да го користи во зони на катастрофи и во други области каде што се потребни информации во реално време.