Компанијата „Епл“ на својата интернет-страница објави дека во наредните 10 години сака да ги намали емисиите на јаглерод диоксид на нула во целокупниот синџир на производи на својата технологија и со тоа да стане „јаглеродно неутрална“.
Од раководството на компанијата посочија дека сите канцеларии на „Епл“ и центрите за податоци низ целиот свет веќе работат на воведување на обновлива енергија. Планот е целосно да се елиминираат емисиите на јаглерод диоксид во атмосферата до 2030 година, вклучувајќи ги и производството и доставувачите на делови.

Се очекува компанијата да може да ја намали емисијата на стакленички гасови за 75 проценти со употреба на конвенционални методи, вклучувајќи и примена на чиста енергија. За да ја исполни целта од 100 проценти, „Епл“ ветува дека ќе развие специјални зелени технологии за да се ослободи од јаглерод диоксидот создаден во производството.

– Деловниот сектор се соочува со огромна можност да учествува во создавање одржлива иднина, што е клучно за планетата на која сите живееме – изјави Тим Кук, извршниот директор на „Епл“.